Одлука да поднесе иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство и иницијатива до Владата за разрешување на директорот на Државниот инспекторат за градежништво Фатмир Арифи, денеска донесе Државната комисија за спречување на корупција. Причина е што Арифи пред Комисијата не го оправдал начинот на кој се стекнал со имот во изминатиот период.
Како што информираа членовите на комисијата, станува збор за стан во Чаир, стан во Железара и моторно возило во вредност од 18.000 евра.
-Забележани се разлики во податоците внесени во неговиот анкетен лист и податоците добиени од Агенцијата за катастар и недвижности во делот на недвижниот имот, податоците од МВР во делот за моторни возила и Централниот регистар. Не е пријавен стан во сопственост на Фатмир Арифи во Чаир, не е пријавен стан во Железара, не е пријавен Форд кој го купил во 2021 година по цена од 18 000 евра. Со цел да се утврди фактичката постапка, ДКСК го повика лицето на разговор, во разговорот беше побарано да се произнесе во врска со констатираните разлики во податоците до анкетниот лист и надлежните институци. Тој одговори дека се занимава со продажба на автомобили и дека едниот стан го стекнал со размена на автомобил со стан и тврдење дека за тоа има договор заверен на нотар. Од увидот во податоците во банките и другите финансиски институци во нашата држава за именуваниот и неговите членови од семејството со кое живее произлегува дека именуваниот освен редовните примања по основ на плата не остварува дополнителни приходи, а имајќи предвид дека истиот не достави докази за основот и потеклото на средставата за стекнување на становите и возилото не се докажа дека наведениот имот е стекнат како резултат на примања кои се пријавени и оданочени, информира Билјана Ивановска претседателка на ДКСК.
Членовите на комисијата утврдија основ за сомневање за сторено кривично дело од Кривичниот законик.