Пребрзото возење по македонските сообраќајници за жал е вообичаена работа. Многумина го прават тоа и во самите градови и надвор од нив. Тоа е и една од главните причини за многуте сообраќајни несреќи.
Ќе успее ли полицијата сето ова да го скроти, да ги смири здивените возачи?
Од МВР уверуваат дека се прават засилени акциски контроли. Таква имало и вчера низ Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 723 возачи.
– Од нив 42 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а шест возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 423 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 300 надвор од населено место, соопшти МВР.
Каде брзаат тие што возат и 50 или дури и по 70 километри на час над дозволеното? Ги знаат ли таквите возачи можните последици од нивното однесување?
Прашањето до полицијата пак е: зошто акциите не се уште посеопфатни и подолготрајни за да има поголем ефект нивниот обид да ги скротат здивените возачи?