Ковачевски се заблагодари за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија

Македонија често слуша охрабрувања и поддршка од функционери на земји членки на ЕУ околу зачленувањето во Унијата. Така е со години, а поддршката ја кажуваат и евробирократите.

На Самитот на лидери на Берлински процес, што се одржува во Тирана, Албанија, македонскиот премиер Ковачевски се сретна со Канцеларот на Германија, Олаф Шолц. При тоа – охрабрувањата пристигнале.

-Од канцеларот Олаф Шолц, и од СР Германија, Северна Македонија уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка за реализација на следниот чекор на зацртаниот пат кон пристапувањето во ЕУ – носењето на значајните одлуки кои ги имаме пред нас. Напорите на македонската влада за продолжување на евроинтеграцискиот процес беа поздравени и препознаени како позитивен исчекор и напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување, известува владината прес служба.

Премиерот Ковачевски од своја страна пак истакнал дека не смееме да ја пропуштиме оваа неповторлива шанса која ја имаме, и треба да го дадеме нашиот глас за Европа. Потенцираше дека на Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација и дека гласот во парламентот за уставните измени е глас за европската иднина на земјата.

-Премиерот Ковачевски изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија како еден од нашите најблиски сојузници, како во процесот на пристапните преговори, така и преку Берлински процес како катализатор на регионалната соработка, чија цел е ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности, се додава во соопштението од Владата.

Претходна вестСлучај „Онкологија“: Што денеска ќе објаснат Филипче и Меџити пред Анкетната комисија?
Следна вестФранција ја зголемува безбедноста поради страв од терористички напади