На Скопје му недостига зеленило. Многу дрвја и трева треба да се посадат низ градот. Многу.
Градоначалничката Данела Арсовска на почетокот од мандатот вети садење по 100.000 дрвја годишно во Скопје. Се реализира ли тоа ветување, каде може да се видат засадените дрвца?
Есента е погодна за нови садници и добро е што Арсовска вчера најави дека на стотина локации низ Скопје ќе се садат нови дрвја. Таа најави акција за уредување на градското зеленило, ќе се отстрануваат старите и исушени дрвја и садници, а на нивно место се засадуваат нови.
– Согласно со затекнатата состојба, на градските улици и булевари во изминатите 10 години не биле кастрени околу 2.000 дрвја согласно доставени барања, а севкупно во градското зеленило над 5.500. Со реализацијата на овие активности се обидуваме системски да ги решаваме наталожените проблеми и ги исполнуваме барањата на граѓаните кои се надополнување на заедничките заложби за зелен и чист град, со уредено градско зеленило, истакна Арсовска.
По налог на Град Скопје екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ отпочнаа и со акција за засадување на нови дрвја секаде каде во изминатите години биле исечени и отстранети.
Добро е што ова се прави. Но, дали ќе се насадат голем број на дрвја или тоа ќе биде далеку од бројката која што беше ветена? На Скопје не му е потребен настан како што имаше пред неколку години кога се насадија 615 дрвца, а потоа веста се вртеше на повеќе медиуми отколку што имаше садници.
Се наметнуваат и други прашања:
Ќе се чуваат ли и наводнуваат ли новите садници подобро отколку што беше до сега, оти многу од нив се исушија?
Кога ќе се пошумува Водно?
Ќе престане ли сечата на дрвја низ Скопје за да отстапат простор на асфалтот и бетонот? Во многу случаи тоа се правеше непотребно.