Двајцата повредени при вчерашното пукање во „Ист гејт мол“ сѐ уште се во животозагрозувачка состојба, изјавија вчера директорите на болниците каде беа оперирани, директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков и директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи.
Арсенков појасни дека едното лице е се уште ставено на апарат, на машина за дишење.
– Се работи за сериозни повреди. Следуваат испитувања. Уште е во животозагрозувачка состојба. Има прострелна рана во стомакот, во градниот кош, така да, многу е рано да даваме некои прогнози за тоа како ќе биде, изјави тој за МИА.
И директорот Јакупи, исто така, не можеше да даде каква било прогноза за состојбата на другиот пациент.
– Направена е опширна операција на градниот кош и на рамото, има повеќе прострелни рани, уште е во животозагрозувачка состојба. Ќе видиме како ќе биде. Ноќва ќе ја помине во шок соба на КАРИЛ, појасни Јакупи.
Од друга страна, Министерството за внатрешни работи обезбеди фотографија од лицето кое со огнено оружје вчера пукаше кон две лица во трговскиот центар Ист Гејт Мол.
-На фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето што го изврши кривично-правниот настан. Ги повикуваме сите граѓани доколку го забележат ова лице, имаат било какви сознанија за него или корисна информација која може да помогне во истрагата која СВР Скопје ја води во координација со Јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 или 112, соопшти МВР
Досега е утврдено дека Раде Трајковски – Штекли и неговиот пријател Д.Т биле на фитнес во Ист Гејт а инцидентот се случил кога се симнувале кон гаражите на трговскиот центар.
Од снимката која беше испратена до медиумите, може да се забележи како едно лице во бел блузон го следи Штекли, откако започнуваат да се симнуваат по ескалаторот, поминуваат и случајни минувачи, а тогаш ладнокрвниот убиец тргнува кон нив и стрела.
По пукањето, егзекуторот бега во спротивен правец и поминува точно под безбедносната камера од која се објавени снимките. Тогаш го враќа пиштолот во џебот.