Се бореше додека има куршуми, па со бомба се разнесе, но на окупаторите не се предаде – Стив Наумов

„Јас сум Македонец од Македонија“, би одговорот упатен на тогашната српска полиција која во 1939 година го привела 19-годишниот студент Стив Наумов, кој бил студент на Техничкиот факултет во Белград. Го прашале „Од каде е?“, откако во полициските раце се нашло писмото на Наумов до еден негов другар во кое тој напишал дека „Сега е време ние Македонците да станиме“.

Тепањето било казна која ја добил младиот студент кој веќе не можел да се помирува со негирањето на постоењето на Македонците во тогашното Кралството на СХС. Таа случка јасно укажала какви определби има младиот Стив кој е роден на денешен 27 октомври 1920 година во Битола во печалбарско семејство и каде го завршил своето средно образование.

Во 1941 година, со почетокот на Втората светска војна тој во Македонија се вклучува во организирањето на оруженото востание. Собирал оружје и работел на формирање на првите вооружени групи. Во април 1942 година учествувал во формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“. Во мај 1942 година бил вклучен како член на привремениот ПК на КПЈ за Македонија. и станал член на Оперативниот штаб за Македонија. Покрај организациската работа активно се борел против окупаторот. На 6 мај 1942 годна на улица во Битола го убил полицискиот началник, а во август раководел со партизанската акција против окупаторите во селото Кожани.

Есента, пак, на 12 септември 1942 година Наумов во една куќа во близина на селото Болно, ресенско, се сретнал со Мите Богоевски, партизан од Ресен, за да се договорат околу координацијата на партизанските одреди. Но, бугарската полиција, која била во потера по партизаните, ја опколиле куќата и ги повикале Стив и Мите да се предадат. Не сакајќи живи да паднат во рацете на окупаторот, започнале борба со непријателот, а кога им снемало муницаја со последната бомба извршиле самоубиство.

Подоцна, бугарската војска ги изложила телата на Стив и Мите во селото Болно за да ги препознаат блиските, а по нивното фотографирање биле закопани во близина на местото каде загинале. Меѓутоа, бидејќи  народот не ги заборавал и почнал да ги посетува гробовите, бугарските војници ги откопале телата и ги оставиле покрај реката да се распаднат, а потоа останките ги однеле во непозната насока.

Што се случило со телата на двајцата револуционери е енигма која трае и денеска.

Минатата година кога бугарската потпретседателка Илиана Јотова најави дека во номеври ќе ја посети Битола спроти денот на ослободувањето на градот, битолските борци и порачаа да го посети и селото Болно за да каже каде се гробовите на  народните херои Мите Богоевски и Стив Наумов. Но, тоа прашање и порака останаа без одговор иако е јасно дека во бугарските воени и полициски архиви некои траги за ова злосторство мора да постојат.

Но, народот не го заборавил. Една година по неговата смрт, Битолскиот баталјон, формиран на 11 ноември 1943 година во леринското село Винени, бил наречен по него. По завршувањето на војната, на партизанските гробишта во Битола е подигнат гроб на Стив Наумов, кој и до денес е празен. За него се испеани и песни, а Стив Наумов беше и меѓу првите борци на Народноослободителната војска кој со Указ на АВНОЈ, на 29 јули 1945 година бил прогласен за народен херој.

 

Претходна вестПетровска не била информирана за наводна афера со сексуално вознемирување на офицерки во АРМ
Следна вестСе празнува Света Петка, почнуваат зимските слави