Најмладиот милионер во денари во земјава има 9 години со остварени нешто над еден милион денари од закупнина, а највозрасниот има 97 години и во 2022 година остварил доход од 1,2 милиони денари, по однос на пензија и доход од извршена работа, извести на денешната прес-конференција директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Таа ги соопшти резултатите од даночните пријави во Управата за јавни приходи (УЈП) за календарската 2022 година.
Таа ги соопшти и податоците за милионерите во евра.
-24-годишник е најмладиот милионер во евра за 2022 година со остварен и пријавен доход од странство во износ 61,6 милиони денари, а 77-годишно лице со остварени 92,9 милиони денари доход е највозрасниот милионер во евра кој доходот го остварил главно од дивиденти од компании во земјава, вели Лукаревска.
Највисока годишна бруто плата во 2022 година, како што информира Лукаревска, е исплатена на граѓанин од Скопје во дејноста трговија со големо со производи од тутун и изнесува 144 милиони денари
Доход од 280,6 милиони денари на годишно ниво, пак, е највисокото лично примање по основ на извршена работа, а го пријавил, исто така, граѓанин од Скопје. На врвот на листата за исплата на највисок доход од самостојно вршење дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 61,9 милиони денари.
Во топ 10 рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија и од дејноста производство на анбалажи од хартија. Највисокиот доход од продажба на земјоделски производи е во износ од 18,9 милиони денари, а ја остварил жител на Скопје.
Лани, највисоката капитална добивка изнесувала 173,4 милиони денари, а е остварена и пријавена од скопјенец кој продал удел во трговско друштво со дејност за производство на филмови, видео филмови и телевизиска програма.
Највисоката исплатена дивиденда е во износ од 229,6 милиони денари на граѓанин на Скопје, кој се јавува како сопственик на удел во компанија чија дејност е болници.