Општина Аеродром поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје за согорување отпад на отворен простор

Општина Аеродром поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје за согорување отпад на отворен простор, надвор од границите на општината. Очекуваат Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство да постапат во најбрз можен рок.

– Општина Аеродром во текот на вчерашниот ден до Основното јавно обвинителство од Скопје достави кривична пријава против непознат сторител. Кривичната пријава се однесува за согорување отпад на отворен простор на територија надвор од границите на општината. Таа е поднесена во согласност со член 70 од Законот за амбиенталниот воздух по претходен надзор од страна на инспекциските служби и по претходна пријава од страна на граѓаните за непријатен мирис, кој се чувствува на територијата на општината. Законот за амбиенталниот воздух предвидува обврска за инспекциските служби да поднесат кривична пријава до надлежните судови за поведување кривична, односно прекршочна постапка, доколку при вршењето надзор се утврди основа за тоа.

Со оглед на фактот дека станува збор за кривично дело свесно сторено од страна на непознат сторител и на територија на друга општина, Општина Аеродром смета дека целосно се исполнети условите за кривичен прогон за конкретното кривично дело, а притоа очекуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство во согласност со своите законски надлежности да постапат по доставената кривична пријава и во најкраток рок да ја процесираат до надлежните судски органи, се вели во соопштението на Општината.

До граѓаните апелираат  за почитување на законите и одговорност кон околината.

Претходна вестНе помина законот за амнестија, 66 пратеници беа „против“
Следна вестТелескопот на НАСА снимил морничава спектрална рака оддалечена 16.000 светлосни години