Мицкоски: Имало периоди кога пациентите на Клиниката за онкологија не ја добивале терапијата, никој не реагирал

Имало периоди кога пациентите на Клиниката за онкологија не ја добивале терапијата, но никој не реагирал и не преземал ништо против добавивачите на лекови, потенцира денеска Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ. На прес-конференцијата тој изнесе нови сведоштва и документи за скандалот на Клиниката за онкологија, за кои рече, дека ги добил преку свиркачи.

Тој рече дека се повикува на добиениот извештај од ФЗО за извршена вонредна финансиска контрола на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија (УКРО) во Скопје. Периодот којшто е опфатен е за 1 август 2021 заклучно со 1 август 2023 година.

-Еве, овој извештај го опфаќа работењето на Министерството за здравство во изминатите две години. Исто така, опфатен е и период за јавни набавки само на УКРО за 4 месеци, и тоа од декември 2022 до март 2023 година. Има два заклучоци, а и двата се фрапантни. Првиот заклучок е за добавувачите кои се должни да ги испорачаат лековите во рок од 5 или 10 дена, а иако доцнеле со испораките и пациентите не ги примале лековите, не било ништо преземено за да се надмине овој проблем и никогаш не бил прекинат договорот. Ниту еден добавувач не е предупреден ниту му е дадена негативна референца за неиспорака, а не е ниту добиен одговор од дистрибутерите зошто не се испорачува навремено робата. Свесно се крши договорот, пациентите остануваат без терапија, а за тоа никој не сноси последици, рече Мицкоски.

Вториот заклучок, посочи тој, е за одделенијата за лежечки пациенти, каде што медицинскиот персонал треба да го запишува и остатокот на некои вијали, односно пакувања на лекови.

– На пример, ако треба да се аплицира лек на еден пациент од 50 единици, а вијалата е 100 единици, медицинскиот персонал треба да заведе дека има остаток од 50 единици кој ќе се употреби на некој друг пациент со цел да нема загуби. Но, за жал, овде никој не знае каде завршуваат останатите 50 единици, односно сите тие остатоци. На тој начин, директно, со стотици милиони се оштетуваат македонските граѓани, потенцира лидерот на опозициската партија.

Тој додаде дека се поставува и прашањето дали самата клиника имала дозвола за издавање лекови, бидејќи пациенти доаѓале, добивале лек во торбичка и оделе на друго место да им биде аплициран лекот.

-Дали некој водел контрола каде завршуваат овие лекови? Зошто никој не го отворил прашањето по која цена Клиниката ги наплаќа услугите од Фондот? Дали не сите граѓани имаат право на живот? Овие документи што ги гледате се документи за лекови кои треба да спасат човечки животи, но и лекови кои претставуваат можност за профит. Според ФЗО, овие лекови на 31 март биле залиха, односно се наоѓале како залиха и биле подготвени да бидат аплицирани до пациентите. Секако, овие лекови доаѓаат од омилената веледрогерија на власта, рече Мицкоски.

Тој најави дека сите документи и извештаи ќе ги достави до Јавното обвинителство.

– Бараме Анкетната комисија во Собранието да се прошири и во опфатот да биде и овој период којшто го опфаќа овој извештај. Сите овие документи ќе ги доставиме до Јавното обвинителство. Ве уверувам дека следната Влада има сериозна намера да се занимава со овие битанги кои заработуваат од смртта на нашите сограѓани, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестТелескопот на НАСА снимил морничава спектрална рака оддалечена 16.000 светлосни години
Следна вест,,Шеќерни луѓе“ на режисерката Сузана Диневски селектиран на десет меѓународни филмски фестивали