Треба да се сменат седум закони за да се намалат платите на функционерите, не може со еден закон да се адресираат сите 1.260 функционери, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Тој одговори на новинарско прашање дали ставката за платите на функционерите е опфатена со буџетот за претстојната година.
-Измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон што е противуставно. Работната група го разгледува тоа и набргу ќе има предлог за пред Владата, а потоа да биде проследен и до Собранието, кажа вицепремиерот.
Тој рече дека функционерите нема да добијат зголемување на плати со усогласувањето што ќе се прави во март вгодина.
-Тоа што беше најавено помпезно дека ќе има зголемување, нема да се случи. Беше најавено дека заради методологијата сите функционери ќе добијат повисоки плати, но тоа нема да се случи в година и го нема, рече Битиќи.
Се работи на системско решение и наскоро, како што најави Битиќи, се очекува да биде доставен предлог до Владата.
Вицепремиерот истакна дека во 2025 година ќе има целосно нова методологија за плати според која, платата во јавниот сектор ќе се пресметува со истата методологија по која се пресметува и платата на избраните и именуваните лица. Догодина, пак, јавниот сектор ќе го добие зголемувањето на платите што ќе го издејствува преку гранковите колективни договори кои, сепак, како што напомена, не може да бидат спротивни на начелата од Општиот колективен договор.