Потребно да се продолжи рокот на работата на Анкетната комисија за Онкологија и да се прошири опфатот на периодот кој се разгледува поради, изјави денеска претседателката на ова тело Рашел Мизрахи. На прес-конференцијата таа рече дека ова е потребно поради новите сознанија што вчера во јавноста ги соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Комисијата досега сослушала 49 сведоци и експерти, а 10 лица не се појавиле иако биле уредно поканети. Денеска е последниот ден за распит на сведоци и експерти и по што следи период од 30 дена за разгледување на документација, после што Анкетната комисија треба да излезе со заклучоци.
-Во текот на вчерашниот ден беа објавени нови сознанија за случајот Онкологија од кој може да се заклучи дека станува збор за основани сомневања за метастазирано ’диво месо’ во здравствениот систем и владеење на канцер-мафија. Прво, Фондот за здравство нарачал и изготвил извештај од кој јасно се гледа дека скандалозното работење на Онкологија основаните сомнежи за заработка на грбот на болните пациенти и несоодветен третман на заболените од рак се случува и денес и тоа не престанува. Втората работа е дека и покрај доволните складирани количини на лекови омилените веледрогерии на власта и денес набавувале огромни количини на лекови за суми кои се изразени во милиони евра. Трето се сознанијата дека лековите за болните од рак на Клиниката за радиологија и онкологија биле давани на рака на пациентите, во торбиче, спротивно на медицинските протоколи. За тоа Клиниката фактурирала како таа да ги аплицирала лековите, а чија судбина и начин на употреба понатаму не е позната, рече Мизрахи.
Новите сознанија што ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ, според Мизрахи, ја наметнуваат потребата тие да се испитаат поради што треба да се продолжи рокот за работа на Анкетната комисија.
-Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија ја наметнуваат потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот за работа на Комисијата и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува, вклучително и тековниот период од април 2023 на кој се однесува извештајот на ФЗО. Вистината за канцер-мафијата мора да се знае. Одговорност за „дивото месо“ во здравството ќе има со име и презиме, рече таа.