Повторно се соочуваме со непријатни ситуации и настани наметнати од страна на претседателот на Управниот Одбор на претпријатието, Идриз Орана, соопшти градското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ по вчерашниот инцидент.
Вчера се случи инцидент во зградата на претпријатието откако членовите на Управниот одбор не можеле да одржат закажаната седница во просториите на претпријатието. Во еден момент се случила и тепачката меѓу членовите на УО и на обезбедувањето ангажирано во фирмата. Според првичните сознанија, до ова дошло откако директорот на претпријатието дал наредба на обезбедувањето да не им дозволи одржување на состанокот во просториите.
Од „Водовод и канализација“ соопштуваат дека инцидентот е последен од серијата инциденти со кои менаџментот, но и вработените на претпријатието се соочуваат во изминатиот период.
-Овој тип на инциденти создаваат непријатна и нездрава средина за нормално фунционирање на вработените, а за жал во некои од нив, покрај вербалните има и физички навреди, закани и притисоци. Сите овие настани и инциденти се пријавени во МВР. Претседателот на УО на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, повторно иницираше инцидент, одбивајќи да го одржи состанокот на одредената локација предвидена за истото, на петтиот кат, каде како и за сите состаноци истата беше наместена и организирана соодветно. Наместо таму, на негова иницијатива и притисок од негова страна, членовите на УО кои веќе беа седнати на 5-от кат во Салата за состаноци по телефонски повик од негова страна се симнуваат долу за да предизвикаат инцидент со обезбедувањето каде меѓу другото, претседателот на УО, Орана се обиде да иницира и физички судир со обезбедувањето. Обезбедувањето на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, на ниво на својата задача, го спречи развојот на немилите настани, на мирен и достоинствен начин, со цел задржување на редот и безбедноста во претпријатието. Менаџментот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, испраќа јавно порака до претседателот на УО, Идриз Орана, да престане со притисоците врз членовите, вработените, со иницирање на инциденти, како и со обвинувања за нефункционалноста на менаџментот, се наведува во соопштението.
Се додава дека целта на Орана е неговата сопруга да продолжи со континуирано повеќегодишно продолжување на боледувањето.
-Односно, истата да биде „недопирлива“ за проверка, казна, дисциплинска и друга одговорност. Правилата, прописите и протоколите за работа мора да се почитуваат и да важат за секого, без разлика дали е функционер, претседател на управен одбор или не, велат од претпријатието.