Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја осуди изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахемети кажана за време на отворањето на Меморијален центар на УЧК во кумановското село Сопот. Тој од премиерот Димитар Ковачевски побара како што рече барем еднаш во неговиот живот да покаже дека не е обична кукавица и измеќар на Али Ахмети и ДУИ.
-Ние во 21 век, во Македонија треба да зборуваме за работи кои што значат додадена вредност во животите на нашите сограѓани. За жал, денеска Албанците, Македонците, Турците, Србите, Бошњаците, Власите, поради тешкиот живот во Македонија и поради ваквите политичари кои што повеќе од 20 години на овие националистички и шовинистички флоскули ја пљачкаат Македонија, ги полнат автобусите и авионите и заминуваат од Македонија. Во периодот на отсуство на проекти, во отсуство на работа, ДУИ и Али Ахмети, и останатите првенци на таа партија за да го заштитат криминалот што го прават, и злоделата кон македонскиот, албанскиот, турскиот, српскиот, бошњачкиот, влашкиот, ромскиот народ, и егзодусот што се случува, ќе се обидат да дефокусираат со вакви националистички и шовинистички пораки. Мене ме чуди што премиерот Ковачевски како помал коалиционен партнер во владата се уште таму го грее столчето. Тој треба да замине и барем еднаш во неговиот живот да покаже дека не е обична кукавица и измеќар на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција, истакна Мицкоски.
На новинарско прашање во врска со користењето на дипломатски возила на претстојниот собир на ОБСЕ во Скопје, Мицкоски оцени дека и во таа владина постапка има сомнеж за криминал, а политичарите од власта и во последните денови покажуваат дека се само обични криминалци.