Од 61 студент кои добиле стипендија за прв циклус за студии во странство, во земјава се вратиле само 11, во странство останале 41, а за девет нема податоци, покажува анализата на Независниот академски синдикат (НАкС) којашто беше претставена денеска. Истражувањето насловено како „Исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа“ се донесува на периодот од академската 2013/2014 до 2016/2017. За последните шест академски години НАкС не добил податоци од Министерството за образование.
-Голем број од студентите кои добиле скапа стипендија од државниот буџет за студии на еден од првите сто рангирани универзитети на Шангајската листа не се вратиле во земјава. МОН нема анализа за нивната кариера по дипломирањето, ниту, пак, тие што останале во странство ја вратиле стипендијата во десеткратен износ како што е пропишано во конкурсот, соопшти проф. Мимоза Ристова презентирајќи ја анализата.
Овие стипендии, кои за додипломски студии се во годишен износ од 40.000 евра, а за магистерски 36.000 евра, се доделуваат без прецизно и соодветно дефинирани критериуми за рангирање и избор на студентите и без анализа кои области за студирање се од интерес на нашата земја или му се потребни на стопанството. Притоа, министерот за образование и наука има дискрециско право во одлучувањето.
Од 165 стипендии доделени за магистерски студии, пак, во земјава се вратиле 59 корисници. Податоците за втор циклус (магистерски студии) се за периодот од 2010/2011 до 2021/2022 година. Синдикатот не добил податоци за корисници на оваа стипендија за трет циклус (докторски) студии.
Поради недостапност до сите податоци, НАкС неофицијално проценува дека над 300 лица добиле ваква стипендија за студии на некој универзитет од првите 100 рангирани на Шангајската листа и дека за нив е потрошен огромен буџет, кој се движи од 10 милиони евра до дури 24,4 милиони евра, податок што бил објавен од Стопанската комора.
Според анализата што ја презентираше НАкС, најголем број стипендии биле дадени во 2014/2015 година. За додипломски студии, на пример, во 2014/2015 биле доделени 25 вакви стипендии, односно 600 проценти повеќе од претходната академска година кога биле доделени четири.