Дополнителни 2,9 милијарди денари, односно, околу 47 милиони евра се побарани од страна на Фондот за здравствено осигурување за вгодина за обезбеднување на нови лекови на позитивна листа. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Фатмир Меџити кој информира дека апликациите за ставање на лек на позитивна листа се пристигнати во Министерството за здравство. Од нив, 21 се за лекови и четири за нутриенси кои веќе се евалуираат од страна на стручната комисија, која почна со работа во септември и интензивно одржува состаноци.
Меџити ова го рече во обраќањето на Втората годишна конференција за здравство во организација на Комитетот за здравство при Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам).
-Пристигнатите апликации до овој момент се однесуваат за лекови на оригинаторните компании, што претставуваат иновативна но истовремено и скапа терапија, а се наменети за употреба исклучиво во болнички установи, додека две апликации се поднесени за примарната листа. Тие се однесуваат на лекови што ги покриваат индикациите на малигните болести, мултипла склероза, кардиоваскуларните болести и хемофилија, како болести со посебно општествено-медицинско значење и намена за посебна ранлива група на пациенти, рече тој.
Кој лек и за која болест ќе биде рангиран на високо ниво ќе зависи од научните сознанија за неговата фармако-терапевтска вредност, фармакоекономската оправданост, етичките аспекти од неговата употреба, како и вклученост во листите од земјите од регионот.