Закрепнувањето на економијата е малку послабо од претходните очекувања, а во 2023 година економскиот раст умерено ќе забави и ќе се сведе на 1,9 отсто, изјави денеска Анита Ангеловска – Бежоска, гувернерка на Народна банка на Македонија. Таа одржа прес-конференција откако Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка.
-Макроекономската слика за периодот 2023 ‒ 2026 година во овој циклус проекции не е значително променета, во споредба со проекциите од април. Во однос на растот, и натаму се очекува умерено забавување во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Сепак, во услови на малку понеповолно надворешно окружување, на краток рок, закрепнувањето на економијата е малку послабо од претходните очекувања. Така, се очекува дека во 2023 година економскиот раст умерено ќе забави и ќе се сведе на 1,9 отсто, додека со подобрувањето на надворешниот амбиент и спроведувањето на јавниот инфраструктурен циклус во земјава, растот би забрзал искачувајќи се до 3 проценти во 2024 година, рече таа.
На среден рок, се очекува натамошно закрепнување, односно раст од околу 4 отсто, под услов да нема позначителни шокови.
Бежоска додаде дека инфлацијата и натаму ќе се намалува и на среден рок ќе се сведе на историскиот просек од 2 отсто.
-Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври забави сведувајќи се на 3,5 отсто. Притоа, со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годината, просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври изнесува 10,7 проценти. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација којашто за целата 2023 година би изнесувала околу 9,5 отсто. Инфлацијата и во 2024 година значително ќе се намалува до 3,5 отсто ‒ 4 проценти во просек, а понатаму ќе се сведе на околу 2 отсто, нагласи гувернерката.
Со оглед на попривлечните услови за штедење, како одраз на мерките преземени од страна на Народната банка и зголемената доверба во домашната валута, како и очекуваниот раст на паричните примања на населението, на крајот на 2023 година, се очекува солиден раст на вкупните депозити од 8,4 отсто, повисок од очекувањата во април. За следниот период се проектира натамошен солиден раст на депозитите, којшто во просек би изнесувал 7,8 проценти во периодот 2024 ‒ 2026 година, исто како во априлската проекција.