Иако на моменти имаа водство, македонските кошаркарки со пораз ги почнаа евроквалификациите

Почнаа квалификациите за Европското првенство во женска кошарка што треба да се одржи во 2025 година. Македонската женска кошаркарска репрезентација со пораз ги почна квалификациите, откако синоќа загуби на гостински терен од Португалија со 65-52.

Избраничките на селекторот Александар Ашаданов беа рамноправен противник до завршните десет минути и во неколку наврати имаа водство во второто полувреме кое изнесуваше највисоки три поени (42-45) во 28 минута. Најефикасна во македонските редови беше Анџелика Митрашиновиќ со 17 кошеви, а поен помалку постигна натурализираната Американка Мерит Хемпе.

Македонските кошаркарки во второто коло, кое е на програмата в недела, ќе играат против Србија на домашен терен.

Претходна вестЕден починат и двајца повредени во пожар во селото Требеништа
Следна вестБраво: Македонскиот маратонец Евгениј Поп Ацев, примен во „Куќата на славните за мартонското пливање“