Се сеќавате ли кога поодамна (средината на октомври) власта вети дека ќе најде начин за најмногу две недели да си ги скрати преголемите плати? И? Поминаа ли за нив двете недели?
Околу илјада македонски функционери, министри, пратеници, директори… нема да треба да се грижат околу трошењата за Нова година. Платите кои пред половина година им ги покачија за рекордни 78 проценти ќе им останат и до тогаш. Така барем вчера најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која изјави дека до Нова година треба да се изберат опции преку кои би се извршило нивното намалување.
-Една опција е законот за плати во јавен сектор, а другата е измена и дополнување на повеќе закони, шест или седум, со кои се регулираат платите на сите оние функционери кои се опфатени со одлуката на Уставниот суд. Ние како Влада ќе ги донесеме измените меѓутоа треба да отидат на парламент, парламентот го има последниот збор за платите на функционерите. Бараме решение, ќе го најдеме решението. До крајот на годината ќе се избере една од опциите, рече министерката Тренчевска.
А граѓаните на Македонија, кои го полнат државниот буџет, чекаа дека платите ќе им се намалат на функционериве веќе од овој месец, а требаше и порано.
Министерката за труд и социјала вчера призна дека Владата за уште два месеца си го пролонгирала земањето на така зголемените плати на околу 1.000 функционери. А тоа значи дека за овој и за следниот месец од парите на граѓаните на функционерите ќе им се исплатат по 1,3 милиони евра, односно, 2,6 вкупно.
Можно ли е да бидат и повеќе месеци да се чека „тешкото“ решение?
Зошто тоа се прави, зошто се доцни за изборот на опцијата за намалување на платите, министерката Тренчевска не објасни. А токму нејзиниот претпоставен, премиерот Димитар Ковачевски уште на 18-ти октомври најавуваше дека за брзо време ќе се направи законскиот предлог за намалување.
-Во наредните една-две недели треба да има решение за висината на платите на избраните и именуваните функционери, а кое ќе биде прифатливо, одржливо и нема да биде предмет на поништување од страна на Уставниот суд, најави тогаш Ковачевски.
Претходниот ден дури се очекувало и на владина седница да биде донесена одлука за корекција на Законот за платите на функционерите, која тогаш веќе ја најави вицепремиерот Фатмир Битиќи. Но и тоа се откажа за да неодамна Битиќи изјави дека за да се изврши намалувањето потребна е корекција од најмалку седум закони…
Министерката Тренчевска вчера рече дека со Синдикатот сега треба да ги дефинираат највисокито и најнискиот коефициент за пресметката на платите… А што се правело досега, не кажа…
Вака ли брза Владата за сите решенија во државата?
Да сакаа да најдат решение тоа ќе се најдеше на време бидејќи уште лани на пролет премиерот Ковачевски зборуваше дека апсурдите со високите плати во одреднеи државни загубари мора да се отклони и да се постави ново законско решение. Но, оттогаш ништо не се направи. Се даваат само изјави дека „Се работи на решение за корекција на функционерски плати“, дека „Работна група го подготува предлогот“, дека „Се бара решение кое нема да падне на Уставен суд“… а во реалноста на секој први во месецот функционерите си земаат астрономски плати, а државната каса останува покуса за 1,3 милиони евра…
Чудно брза Владата. Но, брзо ќе има и избори.