На денешен ден пред 149 години, на 18-ти ноември во 1874 година е роден Крсте Петков Мисирков. Првите чекори ги правел во селото Постол кое се се наоѓа недалеку од античката македонска престолнина Пела. На училиште учел на грчки, но македонскиот му бил мајчиниот јазик.
Како ќе одминуваат годините така тој се повеќе ќе станува собирач и проучувач на македонското народно творештво, па историчар, па славист и особено е значајно што ќе стане и кодификатор на македонскиот литературен јазик. Мисирков е основоположник и активен учесник во македонски научно-литературни и национално-политички друштва во Србија, Бугарија и Русија.
Но, посебно за истакнување е дека Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“ објавена во 1903 година. Во ова многу значајно дело тој ја пренесува положбата на македонскиот народ во тој тежок период, а и во последната глава од книгата наречена „Неколку зборои за македонцкиіот литературен іазик“ Мисирков јасно предлага оформување на литературен стандарден македонски јазик заснован врз централните говори. Многу значајно е и тоа што уште тогаш Мисирков користи азбука што е база за денешната македонска кирилична азбука.
Но, за да сето това го постигне тој поминал низ трнлив пат. Бил стипендист на српското друштво „Свети Сава“ но брзо сфатил дека српската буржоазија ја започнала својата грда игра кон македонскиот народ. Чувствувајќи ја денационализаторската политика, изразена преку дејноста на друштвото тој учествувал во немирите што ги пројавиле македонските стипендисти. Потоа со неколкумина свои едномисленици избегал од Белград во Софија. Но, тоа што го дочекало во бугарија речиси по ништо не се разликувало од она во Србија. За да го продолжат понормално своето образование во Софија, македонските студенти морале да се пишат како Бугари. Мисирков не го прифатил тоа.
По извесно време тајно се префрлил во Одеса, Русија, а потоа студира во Петроград. Во екот на најголемата борба за превласт на пропагандите во Македонија, Мисирков се вратил во Македонија, во родното село Постол. Тогаш и се запознал потемелно со македонското револуционерно движење. Во исто време собрал богат фолклорен и етнографско-топографски материјал што подоцна го објавил во своето списание „Вардар“.
Пак се вратил во Русија каде основано и Македонското студентско другарство во руската престолнина. Во организирањето на ова друштво значаен придонес дал и самиот Мисирков. Членовите на ова другарство испраќале од своите редовни седници барања пред сè до руската влада, па и до владите на другите европски држави, да се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, правото за обновување на Охридската архиепископија.
Инаку, Мисирков во Битола работел врз планот за отворање на македонски училишта. Токму во тоа време избувнувало и Илинденското востание во кое тој не учествувал лично. Подоцна во Русија тој го образложил своето отсуство од Илинденското востание со откривање на причините за неуспех на востанието. Во Русија развил широка активност, пред сè публицистичка, работејќи над текстовите од својата книга на која и дал наслов „За македонцките работи“ како и над некои ракописи за учебници.
Мисирков се вратил во Софија со надеж да ја подигне од печатницата својата нова книга, но сепак не одело сѐ така лесно. Имено, книгата му била откупена од тамошните власти и изгорена. Од изданието се зачувале само мал број на примероци. Потоа следеле организирани напади на бугарската пропагандистичка машинерија врз Мисирков…
На 26 јули 1926 година Крсте Петков Мисирков умира во болница во Софија. Немало кој да го пренесе во мртовечницата, а сопругата немала пари за погреб. Свеќите што ги запалила, ѝ ги донеле милосрдни сестри. Болницата понудила да го остават телото за секцирање, но Екатерина и синот Сергеј одбиле. До гробот за сиромашни на софиските гробишта го испратиле само десетина души.