Повеќе од два месеца Јавното обвинителство молчи и не отвора истрага зошто пациентите не ја добивале соодветната терапија, зошто не работел КАТО системот на клиниката за Онкологија и кој се заработувал на грбот на болните граѓани од канцер, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.
-Низа информации кои излегоа од граѓани кои биле директно засегнати, информации од медиумите дека се набавувала терапија од омилената веледрогерија, без протоколи и евиденција, информации дека терапијата за болните од канцер завршувала ма црниот шазар, како и не користење на КАТО системот само укажуваат дека случајот „Диво месо“ бил планиран и свесно разработена машинерија за богатење и тоа на грбот на најболните. Дури и вонредната финансиска контрола на клиниката за Онкологија потврдува дека има низа на прекршување на процедурите. И наместо веднаш Јавното обвинителство да покрене истрага, повеќе од два месеца молчи и не открива што точно се случувало на Онкологија, соопштија од опозициската партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, со ваквиот однос од јавното обвинителство сакаат да се прикријат вистинските виновници, со што пак се фрла дамка и на оние здравствени работници кои професионално си ја вршат својата работа.
-Случајот „Диво месо“ е реалната слика како функционира македонското здравство во владеењето на СДС и ДУИ. Власта на СДС и ДУИ и за овој скандал е најодговорно и најповикана, бидејќи повеќе од 6 години управува со здравствените институции. Случајот Диво месо мора да има правна разрешница, кој и зошто се богател на болеста на болните од канцер?, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата го повикаа ЈО веднаш да постапи и секој што бил инволвиран во канцер мафијата да биде изнесен пред лицето на правдата.
-Мора да се стави крај на канцер мафијата. Мора секој што се огрешил пред законот да одговара, посочуваат од опозициската партија.