Македонската фудбалска репрезентација вечер на Националната арена „Тодор Проески“, ја пречекува една од најдобрите светски селекции, односно репрезентацијата на Англија. Со овој натпревар за Македонија завршува квалификацискиот циклус за пласман на ЕУРО 2024. Македонија ќе заврши на претпоследното место во Ц групата, a Англија пред две рунди го обезбеди првото место.
Во пресметката со Англија, Македонија влегува по убедливиот пораз од Италија во Рим (5:2), а Англија славеше 2:0 против Малта, сепак селекторот Благоја Милевски верува дека неговите избраници ќе одиграат добар натпревар.
– Овие натпревари се одлична шанса, да ги споредите своите можности со најдобрите во Европа и светот. Свесни сме дека проблемот со темпото ни е актуелен веќе со месеци наназад. Ростерот е тој, играчите имаат доста проблеми во своите клубови, ама тука не можеме да помогнеме. Ќе мора да се надеваме дека ситуациите ќе им се променат, за да бидеме што поконкурентни барем на физички план против вакви противници. Примивме многу голови во овие квалификации и треба да работиме на тоа. Можеме во иднина само да се подобруваме и да напредуваме. Верувам во потенцијалот на оваа генерација, утре не очекува еден голем меч, вистински спектакл и се надевам дека ќе уживаме и ќе одиграме добар натпревар, рече на прес конференцијата селекторот Благоја Милевски.
Првиот меѓусебен дуел одигран на стадионот „Олд Трафорд“, заврши со убедлив триумф на „Гордиот Албион“ од 7:0, а на нова победа вечер во Скопје се надева селекторот на Англија, Герет Саутгејт.
-Имаме одлична календарска година и сакаме истата да ја завршиме со победа. Толку е едноставно. Таква е нашата цел, ако можеме, сакаме квалификациите да ги завршиме без ниту еден пораз. Има уште неколку тешки натпревари пред нас, но сакам да испратам една јасна порака, сакам да победиме. Добро е што не играме на „Вембли“, добро е што ќе играме на гостински терен, да се навикнеме на атмосферата која не очекува следното лето, изјави Саутгејт.
Англија е сигурно првопласирана со моментно 19 бодови и е веќе учесник на Европското првенство, по 13 имаат Италија и Украина, Македонија седум, а Малта го заврши квалификацискиот циклус без бодови.
Натпреварот започнува во 20:45 минути, а од ФФМ соопштија, дека влезовите на стадионот ќе бидат отворени од 18:15 часот до 20:15 часот.
Ќе успее ли македонската чета да изненади позитивно?