Апасиев за инцидентот во Собранието: Ова ќе ви биде секојдневие ако…

-Пред свршен чин, кога станува јасно дека сите политички партии на олигархијата ДПМНЕ-СДС-ДУИ дејствуваат координирано и останатите партии во Собранието учествуваат во орото кое тие им го свират, кога стана јасно дека во институциите преку Левица е претставена народната волја која се попречува на владеењето на овие бизнис-партии – со вчерашното носење на новиот Деловник во Собранието се формализираше диктатурата на широката коалиција, велат од „Левица“.

Во своето соопштение партијата додава:

-Овој режим на СДС-ДПМНЕ-ДУИ, кој ги уништи сите аспекти од општествениот живот и ја турна Македонија да робува на секакви бизнис зделки и великодржавни апетити – кој ги аболицираше функционерските криминали и го пороби обичниот народ, за олигарсите од раководствата на партиите да владеат непречено и да се богатат, сега веќе и со интервенции во правниот и политички систем на Република Македонија го задава последниот удар врз привидот за слобода и владеење на народот. Македонскиот народ, под деценискиот притисок на овие човекојадци од СДС-ДУИ-ДПМНЕ го пронајде во своите редови оружјето со кое ќе се одбрани од оваа ламја со три глави – преку партијата на народните маси Левица, во антифашистички и народен фронт спремен за финална пресметка. Сите велепредавници кои ја овозможуваат и ја продлабочуваат диктатурата на анти-македонската политичка олигархија, ќе се соочат со безмилосен крај кој ќе ги стави зад решетки овие ѕверови кои ја пијат крвта на обичните луѓе, стои во соопштението.

Инаку и Димитар Апасиев преку Фејсбук се осврна на синоќешниот тежок инцидент во Собранието:

-Левица не е ДПМНЕ па да биде влечена за уши низ Собрание од учките на ДУИ! Ова ќе ви биде секојдневие ако било кој сатрап во иднина се осмели да фрли макар и еден амандман на народен пратеник од нашите редови.
А нашите редови, од ден на ден се се’ побројни. Се гледаме на избори, за да видиме кој искрено ја сака Македонија, а кој одработува за да тече коруптивниот бизнис со хидроцентралите, напишал лидерот на „Левица“.
Претходна вестЗапленети 2,7 кг сребрен накит, 33 часовници и 160 парчиња облека
Следна вестХезболах го нападна Израел со дронови и ракети, има жртви