Иницијатива „Лајка“: На излезот од Охрид се организираат борби со кучиња, полицијата ги знае ликовите

Ликови добро познати на полицијата организираат борби со кучиња на излезот од Охрид, предупреди денеска граѓанската Иницијатива „Лајка“ во објавата на нејзината Фејсбук-страница. Во објавата на ова Иницијатива, која носи исто име како скопското ЈП „Лајка“, се наведува дека локацијата е во околината на Охрид, на излезот према Струга, на која на јавна површина е направен ринг за борби на кучиња.

-Ликови, добро познати и на полицијата, си организираат борби и мува не ги лази. Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави (претходно во кампот „Андон Дуков“ се организираа, и ширум други струшки и тетовски села), со цела организираност која е апла воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала, се наведува во објавата.

Во неа се додава дека низа законски одредби се прекршуваат, но некои лица  имаат “привилегија” да се ставаат над законите.

-Притоа, иако закон прекршуваат, се закануваат на оние што закони почитуваат и важат за чесни и совесни граѓани. Свесни поради ризикот по нашата безбедност не се осмелуваме да пријавиме во полиција, каде несомнено ги има и лица ближни на овие ликови. Локацијата е добро позната и на полицијата, која ако е доследна на заклетвата која ја дала и на она што нејзина должност е, би проделувала на основ и на оваа објава и доказен материјал на ова очигледно прекршување на законите и дивеење ширум државава. Не може и не смее за некого законите да важат (и за најмали ситници), а за некои да не важат (и за вакви големи зла), потенцираат од Иницијативата „Лајка“.

Во објавата се бара реакција од Министерство за внатрешни работи и министерот Оливер Спасовски, од Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид и Агенција за храна и ветеринарство.

Претходна вестКрмов: Штетата во Собранието ќе биде платена, но штетата со укинатата парламентарна демократија е неповратна
Следна вестЖена од Косово донела бебе без знаци на живот во тетовската болница, а потоа одбила обдукција и заминала