Скопје доби шанса да организира голем светски политични настан. Утревечер, со свечена вечера на министрите за надворешни работи, во Скопје ќе започне Министерскиот совет на ОБСЕ на кој се очекува учество на 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ. Ќе има илјада гости во делегациите, меќу кои се и оние на министрите за надворешни работи на велесиолите САД и Русија.
Тоа е можност да се отворат многу теми кои му тежат на светот. Ќе узнајде ли сили ОБСЕ да ги отвори и потоа затвори горливите теми? Создадена во далечната 1973 година, како организација за безбедност и соработка на Европа и со првенствена задача да ги превенира безбедоносните ризици, ОБСЕ сега се соочува со предизвици.
Прво, организацијата треба да се бави со самата себе – има многу поделеност и конфронтации. Одвај се најде земја-претседавач за следната година, не е донесен буџетот, конфликтите меѓу земјите се се поголеми…
Тоа беше амбиент во кој Македонија во оваа година претседаваше со оваа организација. „За луѓето се работи“ беше слоган кој го избра македонското претседателство сакајќи да нагласи што ќе ни биде првенствената задача во претседателствувањето.
– Се поставивме како Претседателство фокусирано на луѓето, затоа што во свет во превирања, потребите и барањата на луѓето секогаш се на прво место. Нивната безбедност секогаш треба да биде во центарот на напорите на сите политички лидери, истакна, неодамна нашиот министер за надворешни работи Бујар Османи сублимирајќи го сработеното.
Добро. И сега, како претседавачи на самитот, пред многубројните министри за надворешни работи, дали Османи ќе го отвори и прашањето околу потребите и барањата на македонскиот народ?
Македонија како држава, македонските граѓани кои жиеват како во Македонија така и во соседните земји се уште имаат многу нерешени проблеми. Се уште соседни земји и поставуваат ултиматуми, покажуваат територијални претензии, го негираат постоењето на македонскиот народ… Дури има во соседни земји да не се признава постоењето на македонското население, тие не ги спроведуваат одлуките на Судот во Стразбург…
Сето ова се проблеми кои треба на овој форум на ОБСЕ да бидат кажани бидејќи влегуваат во корпусот на основни граѓански права коишто треба да се почитуваат во секоја земја која е членка на ОБСЕ. Па нели „За луѓето се работи“?
Aко, ете, Османи е „презафатен“ со организацијата на големиот настан, на потег треба да е премиерот Димитар Ковачевски. Би требало јасно да се каже на сите дека е неприфатливо во светот да има луѓе, ама и некои да се сметаат за „луѓенца“ за кои не треба многу да се таласа.