Советот на Скопје го закочи проектот за Брз автобуски превоз што го најави Арсовска

Советот на Градот Скопје не дозволи продолжување на проектот за воведување на Брз автобуски превоз во градот, а што неодамна го најави градоначалничката Данела Арсовска. На вчерашната седница на Советот на Град Скопје, точка на дневен ред по предлог на градоначалничката беше давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. Но одлуката не помина, бидејќи за неа не гласаа доволно советници односно имаше 19 гласови „за“’, двајца советници беа против, двајца беа воздржани, а останатите -советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и советникот од „Зелен хуман град“ Горјан Јовановски не гласаа.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата рекоа дека не знаат зошто се продолжува овој проект кога тој не беше дел од програмата на Арсовска „За модерно Скопје“.

-Како советници имаме оскудни информации. За да одлучам дали и како ќе гласам барам одговори дали Арсовска репреговарше и ги надмина надостатоците на проектот, дали е истиот проект на Шилегов, дали автобусите ќе возат на гас, ЦНГ или ќе бидат електрични. Дали ќе се гради нов мост Обединети Нации и од каде ќе се најдат пари, дали ќе се уништи средишното зеленило, дали ќе се уништи паркот во Ново Лисиче, дали ќе се формира ново јавно претпријатие?, ја праша Арсовска советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски.

Советникот Амар Мециновиќ од Левица во расправата рече дека БРТ нема да се вклопи во колажот на урбан транспорт, бидејќи не е соодветен и оптимален и нема да го реши загадувањето на воздухот во градот.

– БРТ, сам по себе, е далеку од потребното решение за градот, токму поради краткорочните решенија што ги нуди. Потребна е ревизија на автобуските линии, кои потекнуваат уште од 90-тите години на минатиот век. Затоа, потребно е да се искористи железничката инфраструктура што ја имаме во градот Скопје – смета тој и додаде дека сите главни европски градови, како Берлин или Амстердам, одат на овој алтернативен начин на превоз, а ние имаме таква инфраструктура.

Тој е за воведување трамвајски превоз, бидејќи смета дека на тој начин се решаваат метежот и загаденоста и, како што рече, „илјадници граѓани ќе се превезуваат со зелен транспорт“.

– Сега навистина имаме потреба од тоа. Секаде во Европа се враќа шинскиот превоз и поради тоа, нема да го поддржиме БРТ – дециден беше Мециновиќ.

Гордан Шутаров од СДСМ зборуваше во одбрана на БРТ, образложувајќи дека овој проект е високо оценет од ЕБОР.

– БРТ го нуди брзиот транспорт како алтернатива наспроти застарените автобуски линии. Станува збор за модерен и капитален проект со кој можеме да оставиме печат во работењето на Град Скопје. Со него брзо ќе се стигнува до подалечните дестинации и ќе се овозможи помалку користење на автомобилите. Сега е моментот да покажеме дали ќе продолжиме да го блокираме Скопје или ќе се обидеме да излеземе од партиските матрици и ќе го изгласаме проектот, побара тој.

Градоначалничката Арсовска не одговараше на прашањата туку проектот го бранеше заменик-градоначалникот Александар Трајковски но тој не успеа да ги убеди советниците. Градоначалничка Арсовска на почетокот од месецов најави дека ќе го реализира проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, иако веднаш по стапување на функцијата пред две години рече дека нема да го прави, поради што и го стопираше тендерот за изградба на проектот.

Собранието уште во 2021 година го донесе Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по договор за заем за финансирање на проектот. Според овој Закон, државата склучи Договор за заем со ЕБОР и Проектен договор со Град Скопје. ЕБОР одобри заем од 70 милиони евра за реализација на проектот, пари кои две години „лежат“ несикористени и се чека да започне реализацијата на проектот за БРТ.

Претходна вестЌе каже ли Османи на самитот на ОБСЕ за проблемите што Македонија ги има со соседите?
Следна вестПремиера на претставата „Пикник на фронтот“ во Драмскиот театар – Скопје