Со оценка дека преговорите за новата Влада одат во позитивна насока заврши денешната средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со лидерите на коалицијата „Влен“ – Арбен Таравари, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши. Средбата се одржа во седиштето на коалицијата „Вреди“.
-Денеска претставници на ВМРО-ДПМНЕ беа во седиштето на „Вреди“ за да остварат состанок со лидерите. Преговорите одат во позитивна насока, во понедалник ќе бидат формирани работни групи, ќе бидете информирани со соопштение, изјави претставник на коалицијата „Вреди“.
Во соопштението коешто беше објавено подоцна се наведе дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски, од страна не ВЛЕН беа присутни Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
-Договорени се општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање, се наведува во соопштението.
Се уште е непознато кои се позициите и аспирациите на двете коалиции во однос на ресорите во Владата, но и други бројни функции коишто ќе бидат предмет на коалициски договор. Според вчерашните најави, се очекуваше првично да се разговара само за принципите на коалицирање, а не за ресори и функции.
Арбен Таравари, кој беше претседателски кандидат на „Вреди“ вчера изјави дека едно од барањата во преговорите за Владата им е и фукцијата претседател на Собрание.
-Се уште немаме отворено дискусија за кадровските прашња. Се надевам дека ќе имаме претседател на Собрание, тоа ќе биде едно од барањата, рече Арбен Таравари.
Таравари исто така повтори дека условот за уставните измени е тие да се направат во првите шест месеци, односно до почетокот на следната година.