Укината пресудата за пожарот во ковид-болница во Тетово, случајот оди на повторно судење

Ново судење ќе има за случајот со ужасниот пожар во ковид-билница во Тетово во 2021 година во кој настрадаа 14 луѓе. Ова го реши Апелацискиот суд во Гостивар кој донесе одлука со која ја укина пресудата изречена за двајцата поранешни директори на Клиничкиот центар во Тетово, Артан Етеми и Флорин Бесими кои добија условни казни затвор, а потврдена за докторот Бобан Вучевски кој доби ослободителна пресуда.

Според пресудата, предметот ќе се суди одново.

-Со Пресуда КЖ.бр.318/23 на Апелациониот суд во Гостивар, д-р Бобан Вучевски е конечно ослободен од кривичното дело за кое се обвинуваше за пожарот во модуларната болница. Тука завршува овој судски процес за д-р.Вобан. Им се заблагодаруваме на сите граѓани, кои ни даваа подршка во борбата за правда за д-р Боби и која правда ја докажавме, објави групата за негова поддршка.

Ексдиректорот на тетовската болница Флорин Бесими и поранешниот економски директор Артан Етеми, не се гонеа поради причината за пожарот во тетовската модуларна болница, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар. На Вучевски му се судеше бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането.

-Судот ги разгледа жалбените наводи на ОЈО Т. за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 од ЗКП, меѓутоа истите не ги прифати за основани со оглед да обжалената пресуда во делот под точка II не содржи такви недостатоци поради кои не би можела да се испита по однос на нејзината правилност и законитост. Изреката на пресудата е јасна и разбирлива, а во образложението се содржани доволно причини за утврдените решителни факти и завземените правни ставови на судот. Советот на овој суд смета дека сите погоре наведени жалбени наводи наведени во жалбата на Основното јавно обвинителство се неосновани, стои во образложението за ослободувањето на докторот Вучевски.

Второстепените судии образложуваат и зошто ги ослободиле Етеми и Бесими кои беа осудени.

-Основани се жалбените наводи за сторена суштествена повреда на одредбите на постапката од член 415 став 1 точка 11 од ЗКП, наведени во жалбите на обвинетите во делот на сегаобжалената пресуда по точка I од истата, кои се однесуваат на отсуство на образложени причини за решителните факти и наполна нејасност на дадените причини, што ја прави првостепената пресуда во делот под точка I нејасна, неразбирлива и противречна сама на себе си, па како таква и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност и законитост. Ваквата воопштена и нејасна констатација на првостепениот суд, укажува на постапување на судот спротивно на член 408 став 6 од ЗКП, според кој во образложението на пресудата судот е должен да ги изнесе причините за секоја точка од изреката, а особено фактите што ги цени како докажани или недокажани и од кои докази ги утврдил тие факти, од кои причини не уважил одделни предлози на странките, од кои причини се раководел при решавање на правните прашања и кои околности ги зел предвид при одмерувањето на санкцијата, односно отсуството на образложени причини за решителни факти, ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите, стои во образложението за ослободувањето на директорите Етеми и Бесими.

Претходна вестХоландија е дисквалификувана од финалето на Евровизија по инцидент што пејачот го предизвикал зад сцената
Следна вестЗаврши првата средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, преговорите одат во позитивна насока