Музејот на Град Скопје по обвинувањата дека прави цензура: Делата на Шеќеров не се вклопуваа во проектот „Каљари-Скопје“

Музејот на Град Скопје денеска реагира на обвинувањата дека направил цензура не дозволувајќи изложување на делото на македонскиот уметник Зоран Шеќеров. Во јавност излезе информацијата дека на уметникот Шеќеров му било речено дека не може да му бидат објавени дела со тема „северна“, затоа што тоа било политичка порака.

Во соопштението на оваа институција се наведува дека немало цензура туку дека делото на Шеќеров не се вклопувало во предвидениот проект „Каљари – Скопје”. Проектот е плод на размена во областа на културата помеѓу Италија и Македонија.

-Во текот на есента 2022 година беа реализирани две резиденции на уметници, една во Каљари, Сардинија и една во Скопје, каде македонски и италијански млади уметници заеднички твореа уметнички дела, инспирирани од културата и природата на околината во која се наоѓаат резиденциите – во Република Македонија тоа беа градот Скопје и Скопската околија, а во Сардинија, градот Каљари и островот Антиоко. Резултатите од овие две уметнички работилници беа прикажани во Музејот на Град Скопје во текот на вчерашниот ден. Уметниците од Сардинија ги прикажаа цвоите импресии од Македонија, а скопските уметници своите импресии од Сардинија. За жал, еден од македонските уметници, Зоран Шеќеров, сакаше да вклучи свои дела кои тематски не се поврзани и не се вклопуваат со проектот, бидејќи не се поврзани со неговиот престој во Сардинија, се наведува во соопштението.

Музејот на Град Скопје понатаму додава дека за него е од особена важност е стимулирање на критичка уметност па го поканува Шеќеров да аплицира со овие дела за самостојна изложба.

-Вратите на Музејот се секогаш отворени за млади и креативни уметници од Македонија со цел промоција на македонската култура, се вели во соопштението по повод изложбата која беше отворена синоќа.

Вчера, уметникот Зоран Шеќеров на својот профил на Фејсбук објави дека цензурата која ја најавил уште пред едне месец, ќе се случи на изложбата.

-Запомнете го 28-ми ноември како црн ден за македонската култура и уметност, ден кога се цензурираше уметникот во Македонија. Иако никого лично не повредувам во содржината на моето дело, истото беше забрането со манипулативни оправдувања од типот: ќе ги повредиш колегите во музеј, овака ќе направиш кога ќе се менува политиката, па дури и се впуштија во обид да прават корекција на делото. Епа… тешко е да се зборува за оваа тема, но уште потешко е да се премолчи кога ти прават очигледна цензура! Испровоциран од пораките отидов во музејот да ги прашам вработените дали ги повредувам со делото кое го цензурираше т.н кураторка? Одговорот на сите беше ова е срамота, ова е вукојебина, ова може да ти го прават само нечесни луѓе кои не си ја сакаат Македонија. Е, сега, дали се слушаме кураторке? Просторот кој од позиција на моќ го користите за да глумите авторитет нема да ви биде даден. Јас и сите граѓани на Република Македонија го плаќаме тој музеј. Немој да се криете, појавете се на дебата, бранете ги вашите будалаштини јавно, не од глувчешка дупка како што сте биле цел живот. Едно знам срамот ќе ве прогонува до крајот на животот. Нека му е со среќа изложбата на сите уметници. Македонија е бесмртна!, порача во објавата Жеќеров.

Претходна вестПрегазен пешак во Скопје
Следна вестВо Словенија на возачите нема да им биде дозволено да имаат ниту промил алкохол во крвта