Интернет – страницата под името „najdime.org.mk“ којашто треба да помага во пронаоѓањето на исчезнати деца во Македонија од денеска е ставена во употреба. Таа ќе биде достапна на македонски, албански и ромски јазик, а на неа ќе може да се алармира за исчезнати деца со цел намалување на ризикот од исчезнување и забрзување на процесот на нивно наоѓање. Пилот-проектот за системот за рано предупредување на исчезнати деца, во чии рамки е и веб-страницата Најдиме.орг.мк, во период од година и половина го спроведуваше здружението „Новинари за човекови права“, а ќе функционира со помош на Министерството за внатрешни работи (МВР).
-Системот за рано предупредување ќе споделува информации за исчезнатите по претходна потврда на пријавата во МВР, по што ќе се дистрибуираат преку каналите за комуникација на партнерите, бизнисите со кои е остварена соработка: банкомати на банки, дигитални дисплеи во јавниот сообраќаен превоз, комуникациски канали на групацијата за такси превоз, хотелските услуги, кажа Александра Радевска од граѓанската организација „Новинари за човекови права“, која е иницијатор на проектот.
Таа објасни дека праксата е аларми за широко алармирање на јавноста за исчезнати лица да се покренуваат само во случај кога имаме киднапирање, односно висок ризик по животот на исчезнатото лице.
-Тоа ќе оди во соработка со МВР. Секогаш кога ќе се одлучи дека треба широк аларм, тогаш и ние ќе го покренеме системот. Она што ние очекуваме граѓаните да го пријават исчезнатото лице во МВР, рече Радевска.
Децата се приоритет заради ранливоста, но системот ќе биде достапен и за сите случаи на исчезнати лица во кои може да биде од помош.
Досега, освен министерства, како партнери се вклучени Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), Групацијата на такси превозници на Скопје, Асоцијацијата на хотилиери (ХОТАМ) и Комерцијална банка. Со нивната соработка, информации за исчезнувањето ќе се појават и на банкоматите, на рецепција на хотелите-членки на ХОТАМ, на дигиталните дисплеи во градските автобуси и кај таксистите, преку такси – станиците.
Има иницијативи за соработка и со медиуми кои сакаат да се приклучат.
Министерот за образование, Јетон Шаќири најави новини во новиот електронски дневник од второто полугодие за родителите веднаш да имаат увид дали нивното дете дента стигнало во училиште и е внесено во е -дневникот.
-Наставниците и училишниот персонал често се првите што забележуваат кога детето е отсутно или пак детектираат кога тоа е во некаков ризик, кој се манифестира преку неговото однесување, изглед и слично. Од друга страна пак, токму во училиштата и преку наставата и воннаставните активности, децата се запознаваат со потенцијалните опасности кои ги демнат. Така ќе биде и понатаму. Едукативните содржини поврзани со оваа тематика, веројатно ќе стануваат сè позастапени, рече Шаќири.
Прашањето за покренување на ваков систем и во Македонија повторно се покрена по исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, откако нејзината наставничка ја контактирала мајката бидејќи Вања утрото не дошла во училиште. Нејзиното тело беше пронајдено на 3 декември во близина на Скопје. За нејзиното убиство се осомничени четири лица. Првоосомничениот, Љупчо Палевски беше уапсен во Турција и македонското Министерство за правда побара негова екстрадиција. Останатите осомничени се во притвор.