Грешка стои зад објавувањето на огласот за советник за кадровски прашања во М-НАВ, изјави денеска директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди. Тој категорично ги отфрли обвинувањата на синдикатот во ова државна компанија дека се распишани огласи за партиски вработувања. Синдикатот на Контролата на летање најави штрајк барајќи повлекување на овој и на уште еден објавен оглас. Се смета дека тоа е обид да се вработи екс-директорот Миѓен Селмани.
На веб страната на Агенцијата за вработување стојат два објавени огласи од М-НАВ, кои се со рок од само два дена од 14 до 16 и од 15 до 17 декември и тоа баш за „самостоен советник за кадровски прашања“ и за „воздухопловен навигатор“.
Актуелниот директор Хамиди тврди дека таков оглас од раководството на М-НАВ воопшто не бил побаран од Агенцијата за вработување. Во изјавата за порталот СДК.мк тој наведува дека адресата за е-пошта што е ставена за контакт е на госпоѓа која во 2016 заминала во пензија. Но, в понеделник рокот за пријавување на овие два огласи веќе ќе биде истечен.
Што се однесува до другиот оглас, каде се предвидуваат десет вработувања, Хамиди кажа дека е според регулативите и финансискиот план за 2023 година, оти бил потребен кадар поради пензионирања.
Во петокот Синдикатот на контролорите на летање ги видел овие огласи објавени на веб страницата на Агенцијата за вработување и веднаш му испрати предупредување дека ако не ги повлече истиот момент, за Нова година ќе нема летови. Ќе штрајкуваат сите контролори.
Сепак, од синдикатот на М-НАВ не се откажуваат од барањето и вториот оглас да биде поништен или објавен со промените критериуми. Во спротивно остануваат на намерата да одржат предупредувачки штрајк на 25ти декември без авио-сообраќај од 10 до 17 часот, а ако и тоа не помогне и затворање на небото за Новогодишните празници..