Мојот став е дека, во едни вакви услови кога тоа е регулирано со закон, ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во таа техничка влада, треба да номинира свои претставници, Изјави синоќа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во неговото интервју во „360 степени“ која се емитува на МРТ, тој рече дека партијата ќе се воздржи од гласањето на составот на таа влада. Се цени дека е спротивен изборот на првиот човек кој што ја води таа влада од законот на кој што таа техничка влада се повикува.
Мицкоски посочува дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзини кадри во техничката влада ќе се борат и ќе спречат изборен поткуп каков што имаше на последните локални избори.
-ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните во 2021 година, но на тие избори и во првиот и во вториот круг влеговме како аутсајдери, исто како што беше и на претседателските избори во 2019 година, направивме историски резултат но тој можеше да биде многу подобар. Ако поентата е дека самата победа испраќа порака дека изборите биле надежни, дека доверлив бил процесот, не се сложувам со тоа. Бидејќи и тогаш ние аргументиравме и посочивме многу недостатоци на самиот процес, обиди за корупција, злоупотреба на институции. Јас ќе ве потсетам што се случуваше во вториот круг во Кочани и во Битола каде што имавме, буквална, полициска опсада. Победата во Битола 24 илјади на 19 илјади гласа, можеше да биде 28 илјади наспроти 16 илјади, победата во Кочани наместо јас дента пред избори да одам таму, што се вели во полициска станица и да ме приведуваат и слично да создаваме тензија, и очигледен поткуп во едно мало место во Кочани, па победата место да биде со шест седум гласа, можеше да биде со 600-700. Гласот е глас, злоупотребата е злоупотреба, вие не можете да сторите помал криминал ако, да речеме, направите насилство на пиљара, а поголем криминал ако направите насилство и ограбите хипер маркет. Криминал е и тоа и ова е криминал, рече Мицкоски.
Во однос на Љупчо Палевски-Палчо Мицкоски рече дека тој е партиско-полициска инсталација на власта.
-Ако ги следите неговите ставови поврзани со одредени теми и доколку се вратите наназад во неговото минато како претседател на градската организација на СДСМ, можам да дојдам до заклучок дека тој претставува партиско полициска инсталација. Тој не верува во тоа што го кажува и ги злоупотребува темите за да нанесе политичка штета на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски и додаде дека Љупчо Палевски Палчо е партиско полициска инсталација која нанесува само штета на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи одредени теми.
Мицкоски рече дека пред 4-5 години имал средба со Палевски.
-На таа средба тој побара да му помогнеме во собирање на потписи за да регистрира политичка партија. Тоа го одбив. Но три – четири години потоа сведоци сме сите дека тој успеа да регистрира политичка партија под името Десна. И сега прашањето е кој му помогна, праша Мицкоски.
Мицкоски додаде дека јавноста и луѓето кои што се во политиката точно знаат кој му помогна на Љупчо Палевски во собирање на потписи за регистрирање на партија.
-Погледнете ги потписите на лицата кои што се потпишани и ќе го добиете одговорот, укажа Мицкоски.