Заштитник е на сиромашните, немоќните, морепловците…, се чествува Свети Никола, една од најчестите слави во Македонија

Православните христијански верници во Македонија денеска го чествуваат Свети Никола, празник посветен на големиот светител и една од најчестите домашни слави во наша земја. Празникот Свети Никола заедно со Свети Димитрија (Митровден) и Пресвета Богородица, се трите најмасовни домашни слави што се прославуваат во Македонија. Славањето започна од вчера кога голем број од православни верници прават заслуг, или чествување спроти слава, почеток на славење на светителот, заштитник на домот. Одбележувањето кулминира денеска кога во домовите се подготуваат посни трпези околу кои се собираат домашните, роднините и пријателите.

Свети Никола имал многу возбудлива животна приказна. Неговите богати родители Теофан и Нина, го добиле синот Никола во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското Царство. Овој важен лик од христијанската религија е роден кон крајот на ИИИ век во гратчето Патара во малоазиската област Ликија. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога  и пред луѓето. Неговиот чичко кој исто така се викал Николај и кој бил архиепископ патарски, согледувајќи ги позитивните карактеристики на младиот Николај ги наговорил родителите да му дозволат да се посвети на Бога и го произвел во  чин презвитер. Архиепископот Николај при тој чин изрекол и пророштво: “Браќа, јас го гледам новото сонце што изгрева над земјата и ветува утеха на сите потиштени. Блажено е стадото што ќе го има за пастир, зашто тој ќе ги приведе кон вистината заблудените овци, ќе ги пасе на пасиштето на благочестието и ќе биде помошник на сите страдалници”. Ова пророштво на стрикото Николај се исполнило, зашто младиот Николај подоцна навистина станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што со верба му се обраќале. По смртта на стрико му кој бил архиепископ  свештениците од областа Ликија барале негова замена, но сите се увериле дека немале подобар од младиот Николај и го избрале за архиепископ Мирликијски. Тој станува омилен меѓу народот, зашто секогаш ги помагал сиромашните, ги посетувал болните, ги штител затворениците и неправедно осудените, младите ги советувал, грешните ги упатувал на вистинскиот пат, робовите ги откупувал и ги пуштал на слобода, на ситомашните девојки им купувал мираз за да се омажат и тн. По смртта на неговите родители кои што биле многу богати сето богатство што го наследил го разделил на сиромасите, но тоа го правел  тајно тргнувајќи од божјите зборови за добрите дела да не бара светска слава.

Житието раскажува дека во тоа време во градот Патара живеел некој човек кој што ненадејно го изгубил богатството и бидејќи не бил способен да се бори во животот бил решен и со нечесни средства да остварува средства за живот. Имал намера да ја жртвува дури и честа на своите три ќерки но во тоа го спасил архиепископот Никола кој ноќно време низ прозорецот му дофрлувал пари. Со тие пари таткото ги омажил и трите ќерки, а кога разбрал кој му го дава богатството паднал пред  нозете на Никола и со солзи во очите му благодарил со зборовите: “Ако не беше те пратил Господ да не спасиш, јас не можев да одолеам на искушенијата,  ќе паднев во грев и ќе ја жртвував честа на моите ќерки.”

Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. Кога за време на владеењето на царот Диолкецијан станале големи прогони на христијаните и Николај бил затворен и подолго време останал во темница. Но кога царот Константин го признал христијанството и кога ги ослободил сите затворени христијани и Николај бил ослободен и повторно се вратил на архиепископскиот трон. Учествувал и на Првиот веселенски собор во Никеја во 325 година каде што удирајќи му шлаканица го посрамотил еретикот Арие, кој се одделил од христијанството и проповедал друго учење. По пронаоѓањето на светиот крст од страна на царицата Елена многу луѓе тргнале да ги посетуваат светите места. И архиепископот Николај тргнал на вакво патување, на кое се случиле многу чудни настани. Житието раскажува дека додека патувале по морето Николај претскажал големо невреме, но морнарите познавајќи ги метереолошките услови го исмевале велејќи му да не зборува за работи што не му се познати. Но кога набргу навистина фатило страшно невреме, кога се кренале големи бранови и кога сите очекувале несреќа Николај се помолил на Господа и бурата престанала. Вакви настани за време на животот на Николај се случиле повеќе, а тој и по смртта продолжил да ги заштитува патниците, посебно оние што патувале по вода.

Доживеал длабока старост и умрел во 342 година, откако скоро шест децении му служел на својот народ и на својот Господ. Бил погребан во соборната црква во Мир, а подоцна кога пред налетот на Исламот биле прогонувани христијаните, кога многу цркви настрадале и кога биле уништувани гробовите на светителите св. Николај му  се јавил во сонот на некој свештеник од Бари (Италија) и го замолил моштите да му ги пренесат во Италија. Во тоа времее црквите во јужна Италија и припаѓале на цариградската патријаршија. Потоа со многу свечености неговите мошти биле пренесени од Мир (Ликија) во Бари,  (Италија) во 1087 година, поради што и овој датум (22/9 мај) се смета за празник на Св. Никола.(св. Николај – летен). Преданието раскажува дека светите мошти во Бари биле пречекани од мноштво народ меѓу кој имало и многу болни, слепи, глуви, сакати, душевно болни и сл. кои што доживеале исцелувње Култот на Св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IV век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, кои што како што стои во некои записи го викале “Ад’рбаба”, што значи јадар татко или голем татко.

Исто така, името Никола е многу распространето и се среќава и меѓу православните, и кај римокатолиците, и кај протестантите, како Никола, Николај, Николаос, Ник, Никол, Ниче, Коле, па Николина, Ники… На сите овие имиња коренот им е од Никола. Во Македонија и во светот има многу цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светител.

 

Претходна вестСончево и тивко
Следна вестМицкоски: ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката Влада за да се бори против поткупот