Еко-свест: Не може малите хидроцентрали да се градат само со елаборат за животна средина

Инцијатива пред Уставениот суд со која се бара преиспитување на уставноста на законските одредби и уредбите кои овозможуваат да се градат мали хидроцентрали само со елаборати за животната средина, поднесе невладината организација Еко-свест.

Се наведува дека за одредени проекти, Законот за животна средина предвидува да не се спроведува детална оценка на влијанието врз животната средина. Со тоа се оневозможува на јавноста и локалните заеднцици да добиваат информации за овие постапки и да учествуваат во постапката. Најчесто, велат оттаму јавноста не знае за проектите сѐ додека не се појават и додека багерите и не почнат сеча на шумите за изведба.

-Овој тип на проекти можат да имаат значително влијание врз животната средина, природата, биолошката разновидност, еколошката состојба… Се соочуваме со негативни резултати во заштитата на природната средина, како што се континуирано загадувањето на водите, воздухот, загубата на биодиверзитетот и нарушувањето на јавното здравје, пишува во дел од иницијативата доставена до Уставниот суд.

Како што објаснуваат од Еко-свест, веројатно најкарактеристични примери за ова се малите хидроелектрични централи што се изведуваат во заштитени подрачја, или на водотеци со висок квалитет на водата и со значајни ендемични видови. Меѓутоа, велат оттаму, има и други примери како што се рудникот за јаглен на локалитетот Забрдо во општина Новаци со кој е уништен значаен археолошки локалитет, гасоводот Свети Николе – Велес кој во најголем дел од својата должина поминува низ заштитено подрачје од меѓународно значење, концесии за каменоломи во мали региони без да се определи нивното кумулативно влијание, па дури и фотоволтаични централи предвидени на живеалишта значајни за заштита на европско ниво.

-Во реалноста, најголем дел од елаборатите прават несоодветна проценка на влијанијата од проектите, поради што се предизвикува значителна деградација на природата, се нарушува функционирањето на екосистемите, се овозможува загадување и неконтролирана експлоатација на камен, песок, минерални суровини. На овој начин се дозволуваат градежни работи и вршење на дејности врз основа на општи насоки, субјективни толкувања без прецизни и мерливи критериуми, во постапка која не била јавна, без јавна дебата и поднесување на граѓански предлози по истите. Овие законски норми ја нарушуваат темелната вредност на уставниот поредок за уредување и хуманизација на просторот и заштитата на животната средина, но и создаваат односи кои го попречуваат уставното право на здрава животна средина, вели Симона Трајковска од Еко-свест.

Претходна вест„Мал формат“ – изложба на студентски дела на хартија
Следна вестМаск им порача на граѓаните на развиените држави: Имајте повеќе деца, во спротивно вашите култури ќе исчезнат