Пендаровски: Доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да одиме до Унијата, не познавам некој кој е подготвен да чекори по тој пат

Се случи и долго очекуваниот говор на претседателот Стево Пендаровски во Парламентот. Тој зборуваше на повеќе теми. Една од нив беше евроинтегративниот процес на Македонија.

-Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата. Последните одлуки на Европскиот совет, за жал, го потврдија песимистичкото сценарио за Западниот Балкан, кое некои дипломатски кругови го најавуваа од почетокот на војната во Украина. Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кој практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно дополнително ќе придонесе за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен „Обединета Европа“, рече Пендаровски.

Пендаровски ги спомена и уставните промени кои власта сака да ги спроведе.

-Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една прилика која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза, рече претседателот Пендаровски.

Тој нагласи дека идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност.

-Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија, потенцира претседателот на државата.

Дефинира и што е патриотизам.

Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние кои работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина, објасни шефот на државата.

Пендаровски се осврна и на македонско-бугарските односи, нагласувајќи дека Софија направиле серија лоши потези, кои довеле до заладување на односите.

-Дали владите на Бугарија во последниве години, сосема непотребно, повлекоа серија лоши потези кон македонскиот народ – повлекоа, дали довербата на Македонците кон источниот сосед во голема мерка е разнишана и ќе требаат години, можеби и генерации таа да се обнови – и тоа е неспорно. Но, сигурно, не е во наш стратешки интерес да правиме непријател од Бугарија, нагласи Пендаровски.

Претседателот е уверен дека ниту еден од денешнава генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања. И додава:

– Доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да одиме за да стигнеме до Унијата, не познавам некој кој е подготвен да чекори по тој пат, истакна Пендаровски.

Тој дададе дека веднаш по изборите треба да се спроведе прочистување.

-Прочистувањето е потребно и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите. И за секој, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка, рече тој.

Шефот на државата посочи и дека „Ние сме меѓу првите пет држави-членки на Алијансата според односот меѓу бруто домашниот производ и воената и материјално-техничка помош што ѝ ја даваме на Украина во овој критичен период“.

Пендаровски и порача: „Државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024-та“.

Претходна вестЕлмас би можел да си замине од Наполи, понудени 25 милиони евра за трансфер?
Следна вестАмерика формира коалиција за борба против Хутите