МИОА исплаќало помалку пари на АВМУ, добило тужба

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднесе тужба против Министерството за информатичко општество и администрација, затоа што подолг временски период го прекршува Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Агенцијата и на другите корисници им префрла помалку средства од законски предвидените, изјави директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски.

Тој објасни дека со законските измени од јули минатата година е утврдено дека од Буџетот на државата треба да се одвојува еден процент за финансирање на радиодифузната дејност и дека е укинато дискреционото право на Министерството овие проценти да не се реализираат доколку со тоа се нарушува праведната распределба на буџетските средства.

– АВМУ два пати се обрати до МИОА, укажувајќи му на неговите законски обврски, а се обративме и до претседателот на Собранието и до надлежните комисии. Со оглед на тоа дека се исцрпени сите останати можности, поднесовме тужба пред надлежниот суд. Парадоксално е што предлагач на овој закон е токму МИОА, против кое сега поднесуваме тужба, изјави Трајчевски.

Со непочитувањето на законот на македонските медиуми, организации и здруженија, ќе им се ускрати и правото на пристап до фондовите од програмата „Креативна Европа 2021 – 2027 година“ со вкупен буџет од 2,5 милијарди евра, од кои 51 процент се наменети за сегментот на медиуми.

Оваа состојба, како што појасни Трајчевски, не е само во последните месеци, туку трае неколку години, бидејќи министерство и пред законските измени го користело дискреционото право овозможено во законот од 2018 година и префрлувало помалку средства. За последните шест месеци агенцијата има добиено 4 милиони 812 илјади денари помалку. Намалувањето е особено изразено овој месец, кога има добиено 1 милион 126 илјади денари помалку.

Трајчевски, исто така, посочи дека од тоа што му е познато, и МРТ во следните денови ќе поднесе тужба против МИОА, бидејќи средствата што му се кратат се многу повисоки од тие на Агенцијата.

Претходна вестЛевица: Етничките вработувања не престануваат, ДУИ ја приватизира државата
Следна вестИлјадници земјоделци протестираат во Берлин, министерот гаѓан од лушпа од банана