Илјадници земјоделци протестираат во Берлин, министерот гаѓан од лушпа од банана

Неколку илјади луѓе се собраа денеска во Берлин на масовниот протест на земјоделците против укинувањето на субвенциите за дизелот, при што министерот за финансии Кристијан Линднер го прекина говорот по навредите, придружени со гласни свирежи, упатени кон него од демонстрантите, јавуваат германските медиуми. „Лажго“ и „Изгуби се“, извикуваа демонстрантите за време на говорот на Линднер, фрлајќи пиротехнички средства и лушпи од банана.

Уапсени се неколку лица, соопшти полицијата, а пренесува „Тагесшпигел“, без да го прецизира бројот.

Според податоците на полицијата, на денешниот митинг во Берлин, со кој завршува еднонеделните протести против намерата на владата да ги укине субвенциите за дизелот за земјоделците, се собрале околу 8.500 учесници на протестот со 6.000 возила.

На присутните им се обрати Лиднер, кој се обиде да покаже разбирање кон демонстрантите, наведувајќи дека тоа е легитимен и мирен протест и дека се плаши од „страшни слики“ за време на протестот, но тоа не се случи, за што се заблагодари на земјоделците кои протестираат.

Поради гласните свирежи од учесниците на протестот, Линднер го прекина говорот на почетокот на својот говор, кој можеше да продолжи дури откако претседателот на германската асоцијација на фармери, Јоаким Руквид ја повика толпата да го пушти да зборува, пишува „Велт“.

Линднер го бранеше кратењето на буџетот на федералната влада, но вети разговори за намалување на бирократијата и прилагодување на еколошките стандарди.

– Денес не можам да ветам поголема помош од владата, рече Линднер и додаде дека неговата цел е да го зајакне бизнисот на земјоделците, пренесува „Танјуг“.

Руквид, исто така, се обрати пред толпата, велејќи дека земјоделците ќе продолжат да го користат своето право на демонстрации.

– Повлечете ги предлозите за зголемување на даноците, па ќе се повлечеме, рече Руквид пред владејачката коалиција на „семафор“, составена од социјалдемократи, либерали и зелени.

Покрај земјоделците, работниците од транспортната индустрија ја повикаа федералната влада да го промени курсот.

– На нашата индустрија и е доста, рече портпаролот на Федералната асоцијација за патен транспорт, логистика и отстранување на отпад, Дирк Енгелхард и го критикуваше зголемувањето на патарините за камионите.

Денешниот митинг во Берлин се смета за кулминација на серијата протести на фармерите одржани изминатата недела. Колони трактори вечерва се упатија кон Берлин од сите делови на Германија, додава „Дојче веле“.

Многу земјоделци веќе ги паркираа своите трактори и камиони во близина на Бранденбуршката порта за време на викендот.

Неколку часа пред почетокот на протестот, полицијата престана да им дозволува на трактористите да се приближат до собирот на демонстрантите.

Претставниците на земјоделците попладне треба да се сретнат со претставниците на сите три владејачки партии.

Германските земјоделци минатиот понеделник почнаа да ги блокираат пристапните патишта на автопатите во делови од Германија, како спротивставување на планот на владата да ги прекине даночните олеснувања за купување дизел што се користи во земјоделството.

Земјоделците почнаа да протестираат по одлуката на владата за дополнителни мерки за штедење за да се намали товарот на федералниот буџет за 2027 година.

Предлог-законот за буџетско финансирање, меѓу другото, го опфаќа и спорното намалување на субвенциите за дизелот за земјоделците, кои постојат 70 години, но и повисоките даноци за авиосообраќај и построги санкции во делот на социјалната помош за невработените.

Претходна вестМИОА исплаќало помалку пари на АВМУ, добило тужба
Следна вестДивоградбите на охридското крајбрежје ќе се утврдуваат со посебен софтвер