Дивоградбите на охридското крајбрежје ќе се утврдуваат со посебен софтвер

Преку посебен софтвер направено е скенирање на охридското крајбрежје по што ќе се утврдуваат дивоградбите, информира денеска министерката за култура и претседател на Националната комисија Бисера Костадиновска – Стојчевска. Ова е направено од страна на Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија и Националниот парк „Галичица“.

Министерката објасни дека идните постапки ќе се определат по утврдувањето на состојбата на теренот.

-Заедно со НП Галичица, направено е скенирање на целиот терен на Охридскиот регион и ќе утврдиме што е тоа што е дивоградба во општина Струга независно од тоа што општина Струга тврди. Општина Струга има поднесено повеќе предмети до Националната комисија на Унеско, но се дозволија само неколку кои беа по закон, додава Костадиновска-Стојчевска.

Таа објасни дека најголем дел од обврските се на општините и дека таму каде не се почитува мораториумот за градба и се изградени дивоградби ќе мора да постапи Државниот градежен инспекторат.

-Знаете дека законот за легализација на бесправно изградените градби е повторно повлечен од законска процедура токму поради забелешките на националната комисија на УНЕСКО, каде што реагиравме дека не може сè што е изградено во заштитено подрачје да се прогласи за легална градба, потенцира Костадиновска-Стојчевска.

Уривање на дивоградби и ограничување на градбите во старото градско јадро се само дел од задолженијата што им ги даде Владата на надлежните институции по препораките на УНЕСКО.

Претходна вестИлјадници земјоделци протестираат во Берлин, министерот гаѓан од лушпа од банана
Следна вестДипломатски синдикат: Османи за конзул во Њујорк го испраќа штотуку вработениот во МНР, Мухаби Синани, кој не исполнува услови