По пријава од Центарот за управување со кризи, хеликоптер „Бел 412“ од Хеликоптерската единица за полициски намени при одделот за воздухопловни единици на МВР, денеска пренесе повредено лице од врвот на Водно до Клиничкиот центар во Скопје. Лицето со скршена нога се наоѓало на Горно Водно, во близина на Милениумскиот крст. Пријавата стигнала на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 денеска во 11:56.
-Услови за остварување на спасителната акција биле тешки, заради силниот ветар на планината, а и заради тоа што патот од Средно Водно до Милениумскиот крст бил непрооден и тежок за било кое возило, особено на осоите во сенка. Биле контактирани и други субјекти од Системот за управување со кризи (СУК). Направен е и напор Итната медицинска помош да стигне и преку алтернативен пат преку Сопиште и Горно Соње, но медицинската екипа се доближила на 1,5 километри до Милениумскиот Крст и јавила дека патот не дозволува понатамошно движење. Веќе ЦУК имал стапено во координација со Хеликоптерската единица на МВР за можен ангажман и тогаш ЦУК упатил барање за подигање на воздухоплов – хеликоптер, заради евакуација и транспорт на повреденото лице со скршеница на ногата. Инаку, паралелно со координацијата со повеќето субјекти за акцијата, бил остварен и контакт од ЦУК со Јавното претпријатие за стопанисување со жичницата, за таа да биде вонредно вклучена, но добиле информација дека заради силниот ветер и автоматското сензорно контролирање не можело истата да се вклучи заради небезбедни услови за движење. Истовремено, ЦУК стапил во контакт и со Ургентниот центар на Државна болница во Скопје и побара прифаќање на повреденото лице коешто со хеликоптер беше пренесено и спуштено на хелиодромот на болницата. Во моментот на нашето испраќање на оваа информација, акцијата за спасување и транспорт на повреденото лице со скршеница на ногата кај Милениумскиот Крст на Водно успешно заврши, соопшти ЦУК попладнево.