Ние немаме поблизок народ од македонскиот и тоа јасно го кажувам пред целата српска и македонска јавност, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој синоќа зборуваше на одбележувањето на Свети Сава, националниот ден на српската заедница во Македонија.
На свечена академија во МНТ, Вучиќ рече дека Србија ништо не бара од Македонија и нема никакви услови за било што.
-Ние немаме поблизок народ од македонскиот и тоа јасно го кажувам пред целата српска и македонска јавност. Ние ништо не бараме од вас и немаме никакви услови за било што. Ништо не очекуваме и единствено што би сакале е да имаме подобри и поблиски односи. Ние не ви бараме никакви промени на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа. Ние не ви бараме ништо и единствено од вас очекуваме и се надеваме да ја прифатите нашата братски пружена рака. Немаме ниту еден меѓусебен проблем, рече Вучиќ.
На одбележувањето се обрати и претседателот Стево Пендаровски, кој кажа дека врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество.
– Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Како уставно призната и општествено ценета, српската заедница е нераздвоен дел од македонскиот мозаик и активно придонесува за изградбата и за развојот на нашата заедничка македонска татковина. Квалитетните меѓуетнички односи ги надополнуваат и добрите односи меѓу нашите две пријателски држави кои потврдуваат дека и на Балканот, билатералните односи можат да се градат со заемно почитување, без притисок и без условувања. На Балканот одамна е дојдено времето за решавање на секојдневните проблеми и реалните потреби на обичниот човек. Најсериозната долгорочна безбедносна закана за државите од регионот е да останеме без нашите млади луѓе. Ако сакаме нашите граѓани да не се иселуваат насекаде низ Европа и светот, треба да градиме инклузивни и праведни општества на благосостојба во кои луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства. А тоа ќе го направиме ако работиме на меѓусебното поврзување и наше заедничко интегрирање во големото европско семејство на народи, потенцира Пендаровски.