Се празнува Преподобен Гаврил Лесновски

Спомен на Преподобен Гаврил Лесновски одбележуваат православните христијански верници во Македонија. Свети Гаврил Лесновски живееше во XI век. Се роди во местото Осиче, крај Крива Паланка. Потекнуваше од семејство на богати и благородни родители кои долго време беа бездетни, та синот им се јави како Божјо благоволение кон нив, по многуте молитви и солзи. Детето доби добро образование, и со Божја помош ги изучи „сите писанија“, и тоа на многу јазици, а Евангелието не го испушташе од рацете. Кога порасна, родителите му најдоа девојка од добар род, за да се ожени со неа. Тој тоа не го сакаше и Му се молеше на Бога да го запази девството. Девојката умре пред да се земат.

Тогаш Гаврил ги замолил своите родители да се оддалечи од домот и да се замонаши. Тој добил благослов и заминал. Ноќе, на сон му се јавил ангел, кој му рекол да оди во своето родно место и да изгради црква посветена на Рождество на Пресвета Богородица, на местото што тој ќе му го покаже. Откако се разбудил, Гаврил се вратил назад и им раскажал на своите родители за сонот, а тие му дале пари и тој ја изградил црквата. Преподобниот заминал за Лесновскиот манастир и таму бил замонашен. Постојаните посети од луѓето го натерале светителот повторно да замине оттаму, па се преселил во местото Луково, во една мала шума. По некое време, свети Гаврил заминал уште подлабоко во дивината, на местото Облов Врв, каде што поживеал уште триесет години. Се подвизуваше со сеноќни бденија и деноноќни молитви и претрпе многу искушенија од демоните. Заедно со преподобните Јован Рилски, Јоаким Осоговски и Прохор Пчињски се основоположници на јужнословенското и македонско еремитско (анахоретско) монаштво.

Бог, во одговор на неговата вера, љубов и подвиг, уште во текот на животот го удостои со дар на чудотворење. На тоа место поживеа 30 години, а потоа се врати во манастирот каде што и почина, на 15 јануари. 30 години по неговото упокојување, му се јави на сон на еден руски монах по име Јосиф, кој се подвизуваше во Софија, па тој заедно со софискиот митрополит отидоа во Лесновскиот Манастир и ги најдоа моштите на светителот, та ги поставија за целивање во црквата. Од моштите постојано се источуваа разни чуда и многу луѓе добија исцеление. Кога Балканот беше нападнат од Турците, бугарскиот патријарх, за да ги заштити од уништување, ги пренесе моштите во столицата на тогашното царство, во Трново, каде што останаа до 1393 година, кога Трново паѓа под турска власт, и потоа им се губат трагите.

Претходна вестПроменливо облачно и постудено
Следна вестВучиќ на одбележувањето на Свети Сава во Скопје: Немаме поблизок народ од македонскиот