Општина Аеродром и „Комунална хигиена“ во вербална војна: Се чистат ли улиците и контејнерите?

Вербална војна се случува меѓу раководството на скопската општина Аеродром и скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ околу состојбата со јавната хигиена на подрачјето на овој дел од градот. Вчера Општина Аеродром реагира дека „Комунална хигиена“ не го собира отпадот.

– По десетина ургенции, упатени апели и писмени барања до градот Скопје, деновиве повторно Аеродром е пренатрупан со отпад. За жал, главните улици и контејнери кои се во надлежност на Градот Скопје повторно се неисчистени и во лоша состојба. И покрај фактот дека жителите на Аеродром издвојуваат финансиски средства за оваа намена, градската администрација и градското комунално претпријатие и понатаму продолжуваат со неодговорниот однос кон јавната хигиената во општината, соопшти Општина Аеродром.

Општина Аеродром е важен и неизоставен дел од градот, додаваат оттаму и апелираат до Градот Скопје и јавното претпријатие „Комунална хигиена“ да ги преземат сите неопходни мерки за подобрување на хигиената во Аеродром.

На ова, меѓутоа, стаса демант од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кое вели дека редовно ги празни контејнерите на територијата на Општина Аеродром.

– Во врска со неодамнешното соопштение на градоначалникот на општината Аеродром поврзано со собирањето и транспортот на комуналниот отпад во општината, ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ информира дека неспособноста на градоначалникот на Општина Аеродром е само негова, без разлика колку се обидува да ја префрли на туѓа адреса. Контејнерите кои се надлежност на „Комунална хигиена“ се целосно исчистени, редовно и без отстапки. За жал, општинската служба поради неспособното раководство на општината Аеродром е нефункционална, соопштија од градското комунално претпријатие.

Од „Комунална хигиена“ испратија фотографии за кои тврдат дека покажуваат како редовно се празнат контејнерите.

Претходна вестПленарна седница за избор на техничката влада предводена од Џафери пред парламентарните избори
Следна вестХаос во САД: Тексас распореди тенкови, прати порака и до Бајден