Избрана техничка Влада, ја поддржаа 65 пратеници, тројца беа „против“

Собранието со 65 гласа „за“ и тројца „против“ по денешната двочасовна расправа ја изгласа техничката влада. На седница присуствуваа 111 пратеници, а за изборот беше доволно просто мнозинство од вкупниот број на 120 пратеници. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се воздржаа од гласање на техничката влада. Основна задача на преодната влада е организирање фер и демократски парламентарни избори.

Во составот на преодната влада прв заменик – премиер на Владата и вицепремиер за европски прашања да биде Бојан Маричиќ. Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е министер за внатрешни работи, како и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. На досегашните места си остануваат министрите за правда, надворешни работи, финансии, економија,  земјоделство, шумарство и водостопанство, здравство, озбразование, локална самоуправа, култура, информатичко општество и администрација, транспорт и врски и животна средина.

СДСМ го предложи Митко Бојмацалиев за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.

ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на преодната Влада трае од изборот, па се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.

Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.

Претходна вестПревентивна активност на СВР Скопје и РСБСП: „Биди подготвен за безбедно патување во зима, користи зимска опрема“
Следна вестИсплата на пензиите започнува на 1 февруари