Не може да нема пари за решавање на проблемот со аерозагадувањето

Ако можел еден Пекинг со над 22 милион жители да го намали аерозагадувањето за 2/3 за 10 години, зошто да не можеме и ние и за 5 години од сега да бидеме во рамки на законски прифатливо аерозагадување, прашува еко-активистката Чакулев

Со Татјана Чакулев, еко-активист од здружението „О2 Иницијатива“ зборуваме за најновиот бран на загадувањето на воздухот во земјава и како тоа да се намали…

Во Скопје пак се уриваат рекордите во загаденоста на воздухот. Што укажува ова?

– Нашите рекорди се во минатото, кога во декември нормални ни биле часовни концентрации за ПМ10 од 400, 500, 600, 700, 800 и безмалку 1000 μг/м3, а тие на ПМ2.5 од 300, 400, 500 и блиску до 700 μг/м3. Вакви високи часовни вредности се должеле главно на индустриското загадување, кое со воведување на законската обврска за задолжително поставување на филтри на големите индустриски загадувачи се намалува. За споредба изминатиов декември имаме подобрување, но ние сме уште многу далеку од она каде би требало да бидеме и затоа сè уште се појавуваме на листите на најзагадени градови во светов. Изминатиов декември сме имале само 8 дена воздух со прифатливото максимално дневно загадување за ПМ10. Потребни се сеопфатни и брзи чекори за да ги спречиме илјадниците прерано загубени животи поради загадениот воздух. Решавањето на овој проблем мора да е приоритет, зошто од воздухов буквално се умира.

Прават ли надлежните доволно за да се намали загаденоста или чистењето на воздухот е оставено на ветерот, на дождот…?

– Надлежните прават многу малку, како на централно, така и на локално ниво и да, оставени сме на милост на климатските услови кои во градов не одат баш во полза на чист воздух во поголемиот дел од времето. Скопје не е град каде редовно дуваат ветрови. Во зимскиот период кога е најкритично, најчесто сме во состојба како во еден лонец каде само се додава, а малку што излегува. Токму поради географијата, климата и несоодветната урбанизација која дополнително ги прекинала и тие струења на воздухот кои порано Скопје ги имало, потребно е сериозно справување со сите, буквално сите извори на аерозагадување. Мора да се вложат сериозни средства и адекватна државна стратегија за навистина да видиме резултати и го доведеме во некои прифатливи граници загадувањето во брзо време, а не да тапкаме во место со децении. Ако можел еден Пекинг со над 22 милион жители да го намали аерозагадувањето за 2/3 за 10 години, зошто да не можеме и ние и за 5 години од сега да бидеме во рамки на законски прифатливо аерозагадување?

Верувате ли дека државата, Градот Скопје, општините… немаат доволно пари за решавање на овој проблем или нечистиот воздух не им е приоритет?

– Пари има, на државно ниво од даноци за животна средина се собираат годишно над 230 милиони евра. Се работи за политичка волја и поставување на приоритет на решавањето на овој животозагрозувачки проблем. Не може да нема пари за решавање на проблемот со аерозагадувањето во Скопје, кога скопскиот регион учествува со 44 отсто (за 2021 година) од вкупниот БДП и во него живее третина од државата. Годинава ниту еден денар од буџетот не се одвои за конкретно намалување на аерозагадувањето.

Буџетот на град Скопје за 2024 година е 130 милиони евра. Кога ќе ги додадете и буџетите на сите општини во него, ќе се види дека парите не се проблем, само е прашање на приоритет, но и потребно знаење како да се реши проблемот во брзи чекори. Покрај менување на начинот на греење или поставување на филтри, уделот на индустријата и различните производствени капацитети кои се сместени во Скопје потребно е да се сведат на минимум, со намалување на дозволеното ниво на емисии во воздухот, префрлање на гас онаму каде што е можно и силни инспекции и казнувања. Ако не можат да го намалат испуштањето на загадувачки супстанции во воздухот до мера каде нема да влијаат во прекумерното аерозагадување, ќе треба да се селат вон градов. Возилата кои се движат по улиците по однос на емисиите да бидат најмалку еквивалентни на ЕУРО 5 стандардот. Палењата на отпад, гуми, кабли, стрништа да се реши преку мултисекторски пристап. Постојан мониторинг на прашината при градежни активности за да биде сведена на минимум. Сеопфатност и ригорозност.

Најакутно е загадувањето преку горењето на дрва и мазут… Надлежните само од време на време даваат субвенции за замена на печките…

– Потребен е масовен и мегаофанизвен пристап кога аерозагадувањето е во прашање. Зошто? Од проста причина што е поврзано со долга редица на заболувања и состојби како срцеви и мозочни удари, исхемична срцева болест, зголемен крвен притисок, аритмии, атеросклероза, иритација на очите, носот и грлото, умор, хронична обструктивна белодробна болест… Поради сево ова, не смее да се пролонгира хроничната состојба со загадениот воздух, туку да се вложат средства во минимизирање на сите извори на аерозагадување, каде и масовното менување на начинот на греење на сите чинители или поставување на соодветни филтри.

Претходна вестУкраина откри корупциска шема од 40 милиони долари при купување оружје
Следна вестПленарна седница за избор на техничката влада предводена од Џафери пред парламентарните избори