Украина откри корупциска шема од 40 милиони долари при купување оружје

Украинската служба за безбедност(СБУ) соопшти дека открила корупција при купување оружје во вредност од околу 40 милиони долари, по што во тек е истрага против петмина високи лица во Министерството за одбрана и еден добавувач на оружје, јави Би-би-си.

Се вели дека претставниците на одбраната потпишале договор за 100.000 минофрлачки гранати во август 2022 година. Плаќањето било однапред извршено, со одреден трансфер на средства во странство, но оружјето никогаш не било испорачано.

СБУ соопшти дека истрагата ги „разоткрила“ претставниците на Министерството за одбрана и менаџерите на снабдувачот со оружје, компанијата „Лвив Арсенал“, „кои украле речиси 1,5 милијарди украински гривни со купување гранати“.

-Според истрагата, во проневерата биле вмешани поранешни и сегашни високи функционери на Министерството за одбрана и раководители на поврзани компании, се вели во соопштението.

СБУ соопшти дека и покрај тоа што договорот за гранати е потпишан шест месеци откако Русија ја започна својата инвазија на Украина, „ниту една артилериска граната никогаш не била испратена“.

Еден од осомничените е приведен додека се обидувал да ја напушти Украина и моментално е во притвор, соопшти СБУ.

Главниот обвинител на Украина рече дека украдените средства се конфискувани и ќе бидат вратени во буџетот за одбрана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја наведе борбата против корупцијата како еден од неговите врвни приоритети кога дојде на власт во 2019 година.

Последните обвинувања доаѓаат откако републиканците во САД ги отфрлаат напорите на претседателот Џо Бајден да испрати поголема помош за Украина.

Во август, претседателот Зеленски ги отпушти сите функционери задолжени за воената регрутација за да стави крај на системот во кој на некои им беше дозволено да избегнат регрутирање.

Украина е рангирана на 116 место од 180 земји во Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнал“ за 2022 година.

Претходна вестМалку има истражување за компетентноста или непристрасноста на вештите лица
Следна вестНе може да нема пари за решавање на проблемот со аерозагадувањето