Вработените во Фондот за здравство се заканија со штрајк ако им се намалат платите

Генерален штрајк најавуваат од синдикатот на Фондот за здравство доколку Управниот одбор одлучи да се намалат платите на 831 вработен. Управниот одбор, постапувајќи по насоки од Владата, денеска треба да им ги намали платите 21 отсто сметајќи од почетокот на месецот. По осум месеци преговори минатата година, Синдикатот успеа да издејствува 15 отсто покачување на платите на вработените и по што примиле смао една покачена плата. Вработените сметаат дека намалувањето на платите за процент поголем отколку покачувањето што го добиле во декември е под секое достоинство.

-Намалувањето значи дека 25 отсто од вработените паѓаат под минималната плата и уште 25 отсто доаѓаат на минималната плата, што не е дозволиво за толкава институција, институција што го има најголемиот буџет во Република Македонија, и тоа ликвиден. Доколку ги намалат платите, ќе се активира одлуката за штрајк, која беше донесена во ноември. Апсолутно прекинуваат сите неесенцијални функции на Фондот за здравствено осигурување. Освен по едно лице што ќе прима документи, другите воопшто нема да работат. Тоа во превод значи дека нема да има никакви исплати ниту за капитација за матичните лекари, ниту за лекови за аптеките, ниту за плати во јавното здравство, ниту за лекови во јавното здравство и така натаму, најави Бранко Аџигогов, претседател на Синдикатот на ФЗО при Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Управниот одбор на Фондот денес шести пат се состанува за да донесе одлука за намалување на платите по препораката од Владата. Претседателот на Синдикатот, Аџигогов, вели дека Управниот одбор се мачи да ја донесе одлуката оти е длабоко поделен. Тројца од членовите, како што вели, се цврсто застанати зад Синдикатот, еден е неопределен и двајца гласаат за намалување. За носење каква било одлука, без разлика дали е за намалување на платите или тие да останат на истото ниво, потребно е мнозинство, односно четири гласа.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека иако е несвојствено за претседател на Синдикат, тој најмалку сака да има штрајк на вработените во ФЗОМ оти најпогодени ќе бидат граѓаните.

-Доколку се донесе ваква одлука со намалување, мене ми е жал што ќе кажам, ќе страдаат само граѓаните. Ќе страдаат луѓето што се на боледувања. Нема да се работи воопшто ништо какви притисоци и да имаме и какви притисоци и да имаат вработените зад нас, кои се членови на Синдикатот на УПОЗ, рече Деаноски.

Тој потсетува дека Фондот е самостојна институција и Владата нема ингеренции да бара нешто од Фондот. Фондот има буџет од речиси 46 милијарди денари, од кои за плати одат 1,19 отсто.

Претходна вестПросечниот Американец не може да си дозволи нов автомобил
Следна вестНа 5 февруари почнуваат курсевите по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана, се уште може да се аплицира