На 5 февруари почнуваат курсевите по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана, се уште може да се аплицира

Македонската амбасада во Тирана ги информира студентите, припадниците на македонското национално малцинство и сите заинтересирани лица дека на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана курсевите по македонски јазик, како воннаставен предмет, почнуваат на 5 февруари и оти сè уште има простор за аплицирање.

– Одлична можност за проширување на вашето портфолио во стручната наобразба и зголемување на можностите во идната кариера. Преведувањето, бизнисот, туризмот се само дел од сферите каде што постои дефицитарен кадар. Заинтересираните сè уште може да аплицираат на следниот линк(https://forms.gle/KiLa89K27ENGUm6KA), стои во објавата на Амбасадата.

Се додава дека за дополнителни информации може се обратат лично во Центарот за курсеви за странски јазици, зграда А, 1 кат, на Факултетот за странски јазици.

Наставата по македонски јазик, литература и култура ќе ја спроведува д-р Славица Свидерска, професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и тоа од понеделник до четврток од 8:30 до 16:30 и петок од 8:30 до 14 часот.

Објава за почетокот на курсевите деновиве имаше и Факултетот за странски јазици, во која се наведува дека тие се бесплатни и се реализираат во соработка на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, Северна Македонија и оти на крајот на курсот, студенти ќе добијат сертификат за соодветно ниво на познавање.

Отворањето на воннаставните модули за македонски јазик, литература и култура, свечено беше означено на 18 месецов во Универзитетот во Тирана. Како што потврдија и денеска за МИА, од Македонската амбасада, до сега располагаат со податок дека се пријавени дваесеттина студенти.

Претходна вестВработените во Фондот за здравство се заканија со штрајк ако им се намалат платите
Следна вестСин ја запалил куќата на својот татко во Куманово