Граѓаните кои живеат во Буњаковец близу автобуската постојка КИМ добиваат нов и уреден резидентен паркинг со капацитет до 40 возила, информриата од Општина Центар. За формирање на паркингот се постави нова постелка од бекатон плочки со нови ивичници со што се регулира паркирањето во овој дел од населбата. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски смета дека паркингот има стратешко место баш за жителите на овој дел од населбата.
-Мило ми е што најдовме простор меѓу зградите кој беше напуштен и неискористен и го преуредивме во паркинг за околните станари. Овие гарантирани паркинг места за жителите значат многу затоа што го скратуваат времето на барање слободно место и нудат поголема безбедност за нивните автомобили. Жителите во овој дел од населбата имаат навистина сериозен проблем со паркирање на автомобилите затоа што овде секојдневно гравитираат илјадници граѓани па слободно паркинг место е навистина реткост. Новиот паркинг дефинитивно го олеснува и решава долгогодишниот проблем на овдешните станари, смета Герасимовски.