Што се случува со Германија, сега почнува штрајк и на 11 аеродроми?

Во Германија никако да стивнат штрајковите. По земјоделците и железничарите сега има најава дека штrајкуваат и аеродромите. Имено, патниците што планираат да летаат во или од 11 големи германски аеродроми денеска ќе мора да се снаоѓаат на друг начин, јави ДПА.

Персоналот за аеродромска безбедност на аеродромите во Франкфурт, Хамбург, Бремен, Берлин, Лајпциг, Диселдорф, Келн, Хановер, Штутгарт, Ерфурт и Дрезден почна еднодневен штрајк кој треба да трае до вечерва.
Синдикатот Верди го почна штрајкот доцна синоќа на аеродромот во Келн/Бон, каде што, според Верди, ноќната смена за контрола на патниците не се појавила на работа.
-Стапката на учество таму беше 100 проценти, соопшти портпаролот на синдикатот Озај Тарим.

Околу 80 отсто од движењата на летовите планирани за денеска во Келн/Бон се откажани, пишува на веб-страницата на аеродромот. Тарим очекува оваа пропорција да се зголеми во текот на денот. На аеродромите во Берлин, Хамбург и Штутгарт откажани се сите полетувања. Во Диселдорф, пак, откажани се само една третина од летовите, а две третини сѐ уште се планирани.

Во Франкфурт, водечкиот германски авиопревозник Луфтханза планира да спроведе поголем дел од својата програма, вклучително и летови на долги релации. Ќе бидат понудени и летови за трансфер на патници. Сепак, превозникот предупреди дека патниците може да се соочат со подолго време на чекање во транзитната зона.

Според процените на асоцијацијата на аеродроми АДВ, околу 1.100 летови ќе бидат откажани или одложени. Ова би влијаело на околу 200.000 патници.

Синдикатот бара зголемување на платите и други бенефиции за околу 25.000 вработени во обезбедувањето на аеродромите.
Аеродромите во јужната германска покраина Баварија, вклучително и во Минхен и Нирнберг, не се засегнати од штрајкот бидејќи безбедносниот персонал таму има работници од јавниот сектор покриени со поинаков синдикален договор.
Претходна вестТалат Џафери три дена парадира низ државата, како патувачки циркус, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Следна вестВо Кипар откриени 133 лажни венчавки на Европејки со мажи од Индија, Пакистан…