Индиската полиција ослободи гулаб обвинет дека е кинески шпион и го пушти назад во дивината. Птицата била задржана од полициски службеници откако била фатена во мај минатата година во близина на пристаништето во Мумбаи, објави новинската агенција Прес Траст оф Индија.
Птицата имала два прстени на нозете со зборови што властите тврделе дека се на кинески. Детективите се посомневале дека гулабот е вклучен во шпионажа и го фатиле, пред да го испратат во болницата за мали животни во Мумбаи, пишува британски Скај Њуз.
Меѓутоа, по осум месеци во заробеништво, се испостави дека станува збор за птица по потекло од Тајван, која дошла во Индија. Полицијата потоа одобри префрлање на птицата во Бомбајското друштво за спречување на суровост кон животните, каде ветеринарите ја ослободија лажно обвинетата птица во вторникот.
Гулабите се користеле во шпионажа и војување низ историјата. Британските сили ги користеа за испраќање пораки во Првата и Втората светска војна. Гулаб по име Густав ги донесе првите вести за Денот Д во ОК, откако дописникот напиша извештај и го прикачи на птицата додека слета на плажата Сворд во Нормандија на 6 јуни 1944 година.
Во минатото имало вакви слични случаи, кога птиците биле фаќани поради безбедносни стравови. Во 2020 година, полицијата во Кашмир во делот кој е под контрола на Индија фатила гулаб на пакистански рибар. Истрагата утврдила дека птицата не била шпион, туку едноставно прелетала преку границата меѓу двете земји.
Во 2016 година, уште еден гулаб бил фатен, откако наводно бил пронајден со порака со закана до индискиот премиер Нарендра Моди.