Експресно и без земање предвид на аргументираните реакции во јавноста – да се усвојат четирите предлог-закони за стратешки инвестиции во енергетиката. Вакво е сценариото на власта со кое се планира во македонскиот парламент да се изгласа владиниот предлог токму непосредно во периодот на распишување на парламентарните и претседателските избори.
Владиното мнозинство вчера во Собранието без поголема дискусија брзо го изгласа она што беше предложено. Поддршката ја дадоа 58 пратеници од владиното мнозинство, а 31 пратеник беа „против“. Сега на ред ќе дојде изјаснувањето на собраниските комисии, па пак враќање на пленарна седница и по што ќе следи дефинтивно гласање. Како што се навестува и тоа ќе биде експресно…
А смее ли една вака важна работа за иднината и стабилноста на државата да помине само така?
Опозицијата и енергетските експерти веќе предупредија дека договорите ќе нанесат голема штета на државата, слична на онаа којашто се закануваше со договорот за „Чебрен“.
-Грчката компанија која треба да го изгради овој проект, според предложениот законски текст, ќе добие државна помош од 50 милиони евра, а нема да влезе во сопственоста овие средства кои ќе ги инвестира државата. Им се гарантира откуп на струја без тендер, а по цени значително повисоки од пазарните. Затоа овој договор е штетен по државата. Сега ги поминувате и ги гласате сите овие криминални договори и закони кои се по штета на државата, без никаква дебата, а стручната јавност моли за ваква дебата. Ви објаснува секој ден дека склучувањето на вакви законски решенија и договори е штетно по државата, но корисно само за оние кои ги предлагаат, потенцира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески повикувајќи се на писмото од Здружението на инженери на Македонија.
Ама пратениците на владеачкото мнозинство се чини само чекаа кога ќе им каѓат дека треба да притиснат „ЗА“. Дали ги прочитаа опомените од Здружението на инженерите?
Во опомените, во апекот стои дека освен 50 милиони евра што ќе ги добие инвеститорот, државата ќе треба да плаќа околу 25 милиони евра годишно за емисија на јаглерод диоксид, а годишно ќе губи по 1,2 милијарди евра колку што ќе заработи инвеститорот за 30 години.
-Македонија годишно ќе губи помеѓу 15 и 35 милиони евра со тоа што цените за електричната и топлинската енергија со која Договорот не обврзува да ги купуваме од „Митилинеос“ се од 15 отсто до 35 проценти повисоки од берзанските. Земјата ќе плаќа 10 пати повисока маржа од нормалната за производство на електрична и топлинска енергија бидејќи „Митилинеос“ добива загарантирана маржа на годишно ниво од 43,7 милиони евра за електричната енергија (38 евра/МWh) и 4,4 милиони евра за топлинската енергија (16,2 евра/МWh), или вкупно над 48 милиони евра годишно. Македонија ќе му плаќа на „Митилинеос“ 4 милиони евра годишно за старт на постројката. Инвеститорот добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно без да има никаков ризик од одлуките на нашиот правен систем, бидејќи со предложениот закон сите одлуки на Врховниот суд ќе бидат неважечки за „Митилинеос“, а штетите од неговото работење ќе мора да ги плати Македонија. Законот за јавни набавки не важи за „Митилинеос“ и во целост се исклучува влијанието на нашата судска власт и надлежност се дава само на Арбитражниот суд во Париз за било каков евентуален спор. Предвидени се бројни пенали што Македонија ќе треба да му ги плаќа на „Митилинеос“ ако не исполни некоја своја обврска од предложениот закон за стратешка инвестиција. Инвеститорот ќе има чист профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што трае договорот за стратешко партнерство, а по 30 години не мора да ѝ ја врати електраната на Македонија, се наведува во писмото.
Но, владините претставници ова го игнорираат. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера само објаснуваше дека државата од „Митилинеос“ топлинската енергија ќе ја купува за 40 отсто поевтино од таа на берза, а струјата која ЕСМ ќе ја купува по утврдена формула ќе биде поевтина за 5 проценти од берзанската.
Вакви аргументи на Битиќи, меѓутоа, не се доволни како одговор на сите забелешки кои доаѓаат од јавноста. Укажувањата за штетноста на договорот се сериозни и бараат сериозно и аргументирано да бидат разјаснети. Тоа го бараат и граѓаните кои масовно на социјалните мрежи негодуваат околу обидот на власта во 5 до 12 да даде стратегиски проект на странци, а плус на сето тоа македонските граѓани да го платат во голем дел објектот.
Затоа, пратениците не треба да брзаат. Треба да размислат зошто сето замислено не би го изградила самата држава? Треба и добро да помислат – дали ова што го поддржуваат и дава на Македонија енергетска стабилност, профит и независност? Треба…